За поморот на риби во Вардар, „Арчелор митал“ може да плати казна од 70.000 до 100.000 евра

 

Државниот Инспекторат за животна средина ќе го забрани за работа погонот на „Арчелор Митал“ – Либерти хаус груп, по завчерашната еколошка катастрофа во Вардар. За инцидентот, излевање на железо и на киселина во водите на Вардар, кај Ново Лисиче, поради што водата се обои црвеникаво и настана масовен помор на риби, може да биде поднесена и прекршочна пријава, а казната изнесува од 70.000 до 100.000 евра, пишува Плус Инфо.

Еколошката катастрофа се случи поради пукнатина во погонот на „Арчелор Митал“, при што дошло до излевање на материјал измешан со железо и со киселина, без да биде третиран во системот за отпадни води.

– Контаминацијата на Вардар е предизвикана од „Арчелор Митал“ – Либерти хаус, во чиј погон вчера бевме на терен, по што имавме соопштение. За тоа што понатаму ќе преземеме, ќе ја информираме јавноста. Сега чекаме дополнителни информации и од компанијата и целосните резултати од анализите на водата по инцидентот. Постапката е во тек, а погонот секако, и без забрана, не може да работи поради инцидентот, но секако ќе следи престанок на работа на оваа линија – изјави Пејо Кировски, раководител на одделението за инспекциски надзор во животна средина и природа за скопскиот регион, за Плус Инфо.

Од Инспекторатот појаснија дека во моментов не можат да кажат дали ќе биде поднесена и кривична пријава за компанијата. Прво се чекаатлабораториските анализи и проценката на штета што ја прават проценителите.

Доколку овој инцидент биде ставен во трета категорија, тоа значи дека предизвикувачот може да добие прекршочна пријава со парична казна од 70.000 до 100.000 евра.

„Либерти Скопје“ вчера објасни дека станува збор за технички инцидент кој се случил на линијата Лужилница:

– „Либерти Скопје“ го пријави до надлежните органи техничкиот инцидент кој се случи на линијата Лужилница. Ние спроведуваме сеопфатна истрага за настанот. Тесно соработуваме со надлежните органи и претставниците на заедницата за да ја разбереме причината за инцидентот – соопштија од компанијата.