За прв пат по 20 години позитивна разлика меѓу вработувањата и отпуштањата

За прв пат по 20 години постои позитивна разлика во вработувањата и отпуштањата, рече денеска директорот на Агенцијата за вработување (АВРМ), Влатко Поповски.

Анализите на АВРМ покажуваат дека разликата меѓу бројот на вработени и отпуштени е 3.151 лица, што се случува за прв пат по 20 години.

„Секогаш  се случуваше во декември, јануари и февруари да имаме стагнација и зголемување на бројот на невработени, а по март да има намалување.  Овојпат е обратно, што е многу добра работа. Имаме 10.749 вработувања, но паралелно имаме 6.373 отпуштања, односно разлика во позитива од околу 3.000 новоформирани работни места“, рече Поповски, кој денеска во клуб на Центарот за вработување на град Скопје имаше средба со невработени лица. 

Тој нагласи дека Агенцијата продолжува да ги имплементира активните мерки за вработување.

„Може да се продолжи со имплементација  на мерките бидејќи не засегаат во изборната политика, односно Изборниот законик. В понеделник ќе биде објавен огласот за трите мерки што беа стопирани на почетокот на неделава, обуката за возачи за Д категорија, прва шанса за младите и обука и субвенционирано вработување“, рече Поповски, кој нагласи дека подоцна ќе се продолжи и со практиканство, обука за познат работодавач и сите мерки што следат.

Директорот на АВРМ упати апел до сите невработени  редовно да се пријавуваат во Агенцијата за вработување доколку сакаат да бидат корисници  на мерките од оперативниот план за вработување, а исто така и да оставаат точни податоци за телефонскиот број и адресата при евидентирањето.