За Русија новата американска стратегија ќе поттикне трка во вооружувањето во Вселената

Новата американска одбранбена стратегија којашто ја најавија во четвртокот Соединетите држави, ќе води во опасната трка во вооружувањето во Вселената и обвновување на програмата „Ѕвездени војни“ од периодот на идеолошката блоковска Студена војна, оцени во петокот министерството за надворешни работи на Русија.

Американскиот претседател Доналд Трамп рече во четвртокот дека САД планираат да развијат сензори коишто поставени во Вселената би детектирале непријателски проектили кои доѓаат кон американската територија, а се планира и развој на оружје за уништување на овие проектили уште при нивното лансирање или во орбитата. Документот ги анализира постојните и потенцијалните закани и ги поставува главните насоки за развој на систем во согласност со актуелните стратегии на САД во областа на одбраната и нуклеарните сили.

Во истиот документ се истакнува дека САД мора да се соочат со напредните крстосувачки и хиперсонични ракети кои веќе ги поседуваат Русија и Кина, кои имаат способност да се движат со огромни брзини и по непредвидливи траектории.

Од руската дипломатија констатираат дека Вашингтон се стреми „да обезбеди единствена воена“ супериорност и можност за спроведување операции за остварување на своите интереси на секоја точка во светот. Се истакнува дека САД не ја разгледуваат „дури и чисто хипотитички“ можноста да наметнат било какви ограничувања на своите противракетни активности.

„САД како легитимни според нивното сфаќање ги сметаат методите во противракетната одбрана за превентивно уништива на ‘загрозувачките’ за нив ракети ‘пред нивното лансирање’. Преведено на разбирлив јазик оваа разубавена формулација (…) значи примена на превентивни ‘разоружувачки’ напади на териториите на земјите коишто САД ќе ги означат за свои противници“, се вели во соопштението на руското министерство за одбрана.

Целта на американскиот план е да се предизвика судир, реагира руската дипломатија. Оценуваат дека американската програма би претставувала удар за и онака веќе кревката меѓународна стабилност.

„Особено загрижуваат деловите од американската антиракетна одбрана кои се однесуваат на развојот на вселенското оружје. Таквата стратегија неизбежно би дала зелено светло за почетокот на трката во вооружување во Вселената, што најнегативно би се одразило врз меѓународната сигурност и стабилност“, реагира руската страна.

Москва ја повикува „американската админстрација повторно да размисли и да се откаже од ваквото неодговорен обид за обновување, секако технолошки многу понапредна верзија на Ѕвеадените војни од времето на (поранешниот американски претседател Роналд) Реган“.

Русија ги повикува САД да започнат конструктивни билатерални разговори за урамнотежување на нуклеарното оруќје „додека не биде предоцна“.