Трилатералните преговори меѓу Европската унија, Русија и Украина за проблемот за натрупаниот укрански долг за гас продолжуваат денес во Брисел, пренесоа медиумите.
Европскиот комесар за енергетика Гинтер Етингер, рускиот министер Александар Новак и неговиот украински колега Јуриј Продан ќе се состанат четврти пат во последните два месеци, денес повторно за да го решат проблемот кој настана кога Русија драстично ја зголеми цената на гасот, а Украина престана да плаќа.
Украинскиот долг, кој во април порасна на 3,5 милијарди долари, го наведе рускиот претседател да се закани со прекин на испорака на гсот за Украина, што би можело да ги загрози членките на ЕУ кои се снабдуваат преку Украина.
Украина, со помош на ЕУ, веќе исплати еден дел од долгот, но бара рускиот гигант „Гаспром“ да ја врати старата цена од 268 долари за илјада кубни метри гас, наместо 485 долари колку што Гаспром пресметал после промената на режимот во Киев.
Освен тоа, Украина бара долгот да се намали за вредноста на нафтените постројки на Крим, без кои остана кога овој полуостров се припои кон Русија.