За САД „неприфатлива“ е изјавата на израелскиот министер за употребата на атомска бомба, светот реагира

Соединетите американски држави го нарекоа „неприфатлив“ предлогот на израелски министер за фрлање атомска бомба врз Газа и ги повикаа сите страни во конфликтот да избегнуваат „реторика на омраза“.

„Премиерот (Бенјамин) Нетанјаху и израелската влада ги отфрлија тие зборови, кои ги сметаме за целосно неприфатливи. Важно е сите страни во конфликтот да се воздржат од реторика со омраза што може да ги разгори тензиите“, рече портпаролот на американскиот Стејт департмент Ведант Пател.

Владата на премиерот Нетанјаху во неделата го суспендираше екстремно десничарскиот министер за културна оставнина Амихај Елијаху „од сите состаноци на кабинетот“ до дополнителна одлука. „Изјавите на Елијаху не се засноваат на реалноста“, објави Нетанјаху на социјалната мрежа Х, додавајќи дека Израел и неговата војска „постапуваат во согласност со највисоките стандарди на меѓународното право за да избегнат штета на невините“.

Во интервју за израелското радио Kol Barama, министерот Елијаху му одговори на новинарот дека „една од опциите е да се фрли некаква нуклеарна бомба“ врз Газа за „сите да се убијат“.

Израел има една од најмоќните војски на Блискиот исток и се верува дека поседува нуклеарно оружје иако никогаш јавно не извршил нуклеарна проба.

Елијаху подоцна се обиде да ја поправи својата изјава велејќи дека е „метафорична“, но предизвика бес во арапските земји.

Саудиска Арабија, која пред војната во Газа започна преговори за признавање на државата Израел, го критикуваше Нетанјаху што веднаш не го разреши министерот по таквите изјави. Кралството Јордан изјавите на Елијаху ги нарече „повик за геноцид и злосторство од омраза“ против Палестинците.

„Советот за безбедност на ОН и Меѓународната агенција за атомска енергија мора да преземат итна и континуирана акција за разоружување на овој варварски режим на апартхејдот. Утре ќе биде доцна“, напиша во доцна во понеделникот иранскиот министер за надворешни работи Хосеин Амирабдолахиан.

Руското Министерство за надворешни работи во вторникот објави дека изјавата на израелскиот министер за можен нуклеарен напад врз Газа покренува огромен број прашања.

„Ова покренува огромен број прашања“, рече портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова. Според неа,
клучното прашање е што се чини дека Израел признал дека поседува нуклеарно оружје.

Израел јавно не признава дека поседува нуклеарно оружје, иако Федерацијата на американски научници проценува дека Израел има околу 90 нуклеарни боеви глави.

„Прашање број еден – излегува дека слушаме официјални изјави за присуство на нуклеарно оружје?“, рече Захарова, прашувајќи се зошто Меѓународната агенција за атомска енергија и меѓународните нуклеарни инспектори не го коментираа ова.