За седум дена 129 смртни случаи од ковид-19 и 3. 372 заразени

Бројот на починати и на заразени со коронавирус во изминатата недела (од 21 до 27 декември) бележи намалување, исто како и бројот на тестирања, покажува неделниот извештај на Институтот за јавно здравје објавен денеска.

Во овие седум дена, регистрирани сe 3. 372 нови позитивни случаи во 35 града во државата што е намалување од 26,5% во однос на минатата недела. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (1 429 случаи или 42,4%), со заразеност од 231,4 на 100 000 жители.

Заболените лица се од сите возрасни групи, но и натаму најзастапена е возрасната група  од над 60 (910 или 27,0%). Голем број заболени има и кај лицата од 30-39 (665 или 19,7%), од 40-49 (589 или 17,5%), од 50-59 ( 87 или 17,7%) и од 20-29 (414 или 12,3%).

Најмал број е регистриран кај децата од 0-9 (52 или 1,5%) и од 10-19 години (145 или 4,3%).

Намалување има и кај бројот на смртни случаи како последица на ковид-19. Изминатата недела пријавени се 129 смртни случаи од 23 града, или 30 помалку, што е пад од 18,9% во однос на минатата недела. Во однос на возраста, 105 лица биле над 60 години, 20 лица на возраст од 50-59 години и 4 смртни случаи се пријавени од возрасната група 40-49 години.

Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје во периодот од 21 до 27 декември тестирани се вкупно 13 123 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање, што е намалување од 15,9% во однос на минатата недела.

Процентот на позитивни од тестирани случаи изнесува 25,7%  и е намалување од 3,6%  во однос на минатата недела.

Оздравени се 4. 500 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, незачително помалку во споредба со минатата недела.