За седум години ниту еден вонреден надзор не е направен на затворот „Шутка“, а затворениците си имале клучеви од ќелиите

„Јас уште сум шокиран од состојбата по затворите во Македонија. Бидејќи колку и да сум мислел дека Македонија со минатата власт беше запустена земја и немаше ред и поредок, сепак мислев дека како земја што припаѓа во Европа, барем затворскиот систем имал некаков ред“, истакна Александар Пандов, директор на Управата за извршување на санкции, во емисијата „За или против“ на Алфа телевизија.

-Меѓутоа, за жал, состојбата по затворите е катастрофална. Јас веќе од првиот ден како стапив како директор до мене започнаа да доаѓаат информации, како од луѓе вработени во затворите, така и од луѓе кои се затвореници, дека во поголем дел од затворите, но ми акцентираа посебно во „Скопје“ или познат меѓу граѓаните „Шутка“ , оти 10-тици затвореници имаат такво право, безмалку воопшто и не присуствуваат во затворот, рече тој.

Пандов додаде дека има одреден број на затвореници кои влегувале и излегувале од затворите кога ќе посакаат.

„Но, бидејќи истите информации ми се повторуваа од повеќе страни, минатиот петок, на 19-ти јули, нешто пред 23 часот со две службени лица од Управата за извршување санкции решивме да направиме вонредна контрола на затворот. И стриктно намерата ни беше да ја видиме бројната состојба“, појасни Пандов. Посочи дека од службените лица од затворот „Шутка“ дознал дека ова било прва контрола на затворот по седум години. Значи во тек на изминативе седум години немало вонредна контрола на затворот.

„Изминативе седум години ниеден таков вонреден надзор не е направен на затворот „Шутка“. Од затворските полицајци дознав дека во затворот владее тотално безредие“, нагласи Пандов.

Укажа дека чуварите немале клучеви од ќелиите, туку затворениците ги имале. Немало ниту осветлување, ниту камери.

„За да вие добиете таков третман сите информации посочуваат дека поранешниот директор Филип Андов – Сокол и одреден број на пајташи негови, биле тие кои што за одредена сума на пари им го давале тој третман на затворениците“, рече Пандов.