За шеф на државата ќе се тркаат тројца професори и еден политички ветеран

Денеска на полноќ се затвораат канцелариите на ДИК за собирање потписи за кандидати за претседателските избори. Кандидатите на партиите без проблем ќе ги исполнат условите за кандидирање – преку пратениците во Собранието или со собрани 10.000 потписи. И овојпат се покажа дека бројката од 10.000 потписи за независните кандидати е превисока во ваквото партиско расположение на македонските граѓани.

Според партиските соопштенија, засега минимумот од 10.000 потписи или подршка од 30 пратеници ги собраа Ѓорге Иванов, актуелниот шеф на државата, Зоран Поповски, кандиидат на ГРОМ, Стево Пендаровски, предлог на СДСМ и Илијаз Халими, кандидатор на ДПА.

Стојанче Ангелов  од Достоинство се откажа од трката за претседател бидејќи, како што истакна, не успеал да ги собере потрбните потписи, но додаде дека влегува во трката за парламентарните избори како носител на листа.

За претседателските избори не успеа  да го собере потребниот минимум независната кандидатка, професорката Билјана Ванковска , а до полноќ речиси е неверојатно дека ќе успее во тоа.