Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска одговарајќи на новинарско прашање што правел еден министер за одбрана во домашна атмосфера со Боки 13 и Катица Јанева, потенцира оти процесот трае и сите информации што се битни за јавноста новинарите ги добиват, но станува смешно, подвлече, обидот да се политизира дополнително случајот.
– Случајот што го отворате покажа колку нашата држава се променила. Новинарите поставуваат дури и нелогични прашања, но никој не ги критикува за тоа. Медиумите можат да критикуваат и многу ретко одлучуваат тоа да не го прават. Она што е најважно, никој не е над законот – изјави Шекеринска по посетата на армискиот полигон „Криволак“.
Според неа, како држава сме покажале дека промените се возможни.
– Денеска во власта никој не може да штити никого ако правдата дојде по своето и тоа е голем комплимент не само за соодветните институции, туку пред сѐ, за граѓаните, кои тешко се изборија за оваа крупна промена – изјави Шекеринска.