Неубедливи се објаснувањата на челниците на СДСМ за „неопходната“ потреба од брзо спроведување на одложените предвремени парламентарни избори, во услови на вонредна состојба во земјата и сѐ уште постојната здравствена криза од коронавирусот. Нејаснотиите како би се одржувале изборите во услови на рестриктивни мерки за населението, укажуваат дека владејачката партија можеби се подготвува на изборен фалсификат, па дури и за само да го ублажи поразот.
Извесен период владејачката СДСМ бара свикување седница на самораспуштениот парламент. Првично образложението за овој потег, кој предизвика жива дискусија кај експертите од областа на уставното право, беше наводната потреба од потврдување на одлуката на шефот на државата Стево Пендаровски за продолжување на вонредната состојба, односно потврдувања на владините уредби со важност на закони. Овие уредби, инаку, може да ги преоцени и новиот парламентарен состав, но и да бидат прогласени за незаконски од страна на евентуално ново парламентарно мнозинство.
Сепак, многу набрзо социјалдемократите ја открија вистинската намера на нивната иницијатива во која се сомневаа и опозицијата и нивните коалициски партнери – да се направи обид што поскоро да се закажат одложените избори од 12-ти април. И по две седмици премолчување на темата, од неделата СДСМ конечно ги отвори картите. Прво генсекот на партијата Љупчо Николовски на прес-конференција најави дека неговата партија е заинтересирана за одржување избори што поскоро. Потоа во понеделникот, и лидерот на СДСМ, Зоран Заев, и неговата сопартијка Радмила Шекеринска, одржувањето на изборите синхронизирано се обидоа да го образложат со тоа земјата да била подготвена за вториот бран од коронавирусот. И тоа во услови кога првиот сѐ уште не е завршен и во контекст на нешто што е само претпоставка – вториот бран.
Лесно се препознатливи причините за ваквата упорност на СДСМ. Станува збор за скусување на времето на кампањата, период во кој сѐ уште нема судски епилог за големиот корупциско-рекетарски случај скандал „Рекет“ во кој има силни индиции за вмешаност на поранешни и сегашни високи функционери на СДСМ. Скратување, исто така, на времето за истражување и тајмингот на расветлување на сомнителните јавни набавки и партиски вработувања во услови на здравствената криза и вонредната состојба. А, се разбира, да се спречи натамошниот пад на рејтингот на социјалдемократите покажан во пресрет на сега одложените априлски избори.
Таква е и констатацијата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој е уверен во победата на неговата партија на следните избори, кога и да се случат, но истакнува дека неговиот главен опонент Зоран Заев има намера да го „ублажи очигледниот и убедлив изборен пораз“. Мицкоски одбивањето на што поскоро одржување на изборите го образложува со загриженост за здравствената сигурност на граѓаните, како и што е можно побрзо закрепнување на тешко настраданата во оваа криза и онака секогаш кревка македонска економија. На ист став е и коалицискиот партнер на социјалдемократите ДУИ.
Последните седмици податоците за здравствената состојба со епидемијата министерот за здравство од СДСМ, Венко Филипче, редовно ги започнуваше со бројот на оздравените. А, последите денови во неговите изјави доминира намалениот број на новозаразените, во контекст на потребата на неговата партија да ја прикаже подобрената задравствена состојба, па оттаму и оправданоста да се одржат избори. Но притоа во истите овие податоци е забележително и сразмерно помалата бројка извршени тестирања на Covid-19, што, се разбира, води и кон помал број потврдени случаи на заразата. А, што легитимно создава сомневање во релативноста на презентираните здравствени податоци.
Но, и без оглед на тоа, јасно е дека и при олеснувањето на дел од мерките за сузбивање на епидемијата, во прв ред потребни за оживување на стопанството, и натаму уште еден период граѓаните ќе мора да се придржуваат до хигиенските мерки, како носењето маски или – маските станаа нашата реалност како што рече шефот на изборниот штаб на СДСМ Николовски – и задржувањето на социјалната дистанца, односно оддалеченост меѓу граѓаните на јавните протести.
Притоа од СДСМ никако да објаснат како би се одржувале изборите. Како притоа ќе бидат идентификувани гласачите кои ќе носат маски, а поради мерката за постојано носење на маските особено во затворени простории нема да смеат да ја симнат пред избирачкиот одбор. На која дистанца ќе седат членовите на избирачкиот одбор и колкави простории ќе бидат потребни за да се зачува пропишаната оддалеченост од најмалку 1,5 метар. Елементарното познавање на математиката укажува дека во такви услови за неколкуте членови на одборот, десетината набљудувачи ќе биде потребна површина од половина фудбалско игралиште.
Проблемот настанува и кога е во прашање Државната изборна комисија (ДИК) којашто ќе се судри со проблеми за обезбедување лица во избирачките одбори. Имено голем дел од јавната администрација поради страв од заразата оправдано нема да се јави во одборите. Во нив, исто така, се вклучени и доктори и здравствен персонал, кој ќе треба да биде повлечен од првата линија на фронтот против коронавирусот и да се ангажира на изборните активности, само за да ги задовили замислите на Заев.
СДСМ најавува водење виртуелна кампања преку интернет и социјалните мрежи, што и не е некоја особена новина. Но, тоа во прв ред има за цел да се избегнат снимките од слабата посетеност на нивните предизборни митинзи во кусата априлска кампања, што секако има влијание врз раположението на избирачите. Од друга страна, пак, и според меѓународните стандарди, тоа на избирачите не им овозможува веродстојно информирање за изборните програми.
Како што стојат работите во моментов, избирачите ќе мора да стојат во редици пред избирачките места. Ако се има предвид дека десетици од нив се сместени во еден објект, физички невозможно е да се запази оддалеченоста, а процесот за гласање ќе се оттегне на голем временски период, па прашање е колку во еден изборен ден сите граѓани кои сакаат да гласаат ќе можат да го остварат своето право. Веројатно во СДСМ имаат замисла своите партиски војници да ги „паркираат“ пред избирачките места два дена порано.
СДСМ, исто така, со својата упорност ги пренебрегнува и предупредувањата за изостанување на политички активности кои доаѓаат од странство. Франција, на пример, ги замира политичките активности до крајот на јули и го одложи вториот круг од локалните избори започнати на 15-ти март првично за 21-ви јуни, а сега се разгледува нивно преместување за октомври. Полска, исто така, по забелешките од Европскиот парламент и ОБСЕ, ја разгледува можноста за одложување на предвидените претседателски избори.
НетПрес во врска со тоа побара мислење од мисиите на ОБСЕ/ОДИХР и Европската унија за одржување на избори во Македонија. Од ЕУ и по неколку дена изостана одговорот, додека од Канцеларијата за демократски институции и човекови права на ОБСЕ одговорија дека „ Не е до ОДИХР да кажува дали треба да се одржат избори или не, бидејќи ова е суверена одлука донесена од секоја земја во која работиме во регионот на ОБСЕ“. Сепак, потврдија дека „ја изразивме нашата загриженост пред претседателските избори во Полска, планирани за 10-ти мај, во изјава и во правното мислење што го објавивме претходно оваа седмица“.
„Организацијата ОДИХР беше принудена да ја запре својата изборна мисија (на 17-ти март – з.р.) за набљудување на предвремените парламентарни избори во Северна Македонија, поради избувнување на пандемијата Ковид-19, што доведе до ограничувања на патувањата и затоа што стана потенцијално небезбедно за нашите набљудувачи и персонал да ја извршуваат нивната работа… ОДИХР ги извести властите на Македонија дека е подготвена повторно да ја распореди набљудувачката мисија откако повторно ќе започне изборниот процес, земајќи ја предвид здравствената состојба и условите за патување во тој момент (согласно насоките за патување во регионот и здравствените директиви, како што стои во привремениот извештај на мисијата објавен претходната седмица – з.р.)… Како и секогаш, ОДИХР внимателно ги следи изборните движења во земјата за да ја процени нивната усогласеност со меѓународните стандарди и заложбите на ОБСЕ за одржување демократски избори“, се наведува во одговорот.
А, во посоченото правно мислење од 7-ми април во врска со ситуацијата во Полска, на кое се посочува во дописот, директорката на ОБСЕ/ОДИХР Ингибјерг Соулруин Гисладетир, меѓу другото, истакнува дека „вистински избори бараат автентична кампања во која гласачите можат да ги слушнат програмите и мислењата на сите кандидати со цел да направат добро информиран избор… Тековните ограничувања на јавните собири поради пандемијата ја прават кампањата речиси невозможна“, се наведува во изјавата и се изразува стравување дека доколку полските претседателски избори се одржуваат во сегашните околности, можеби нема да бидат почитувани бројни меѓународни стандарди за изборниот процес. Веројатно, посочувањето на оваа изјава претпоставува дека истото мнение важи и за Македонија.
Јасно е дека на СДСМ најмал проблем во оваа иницијатива им е тоа што нема да може да се гарантира безбедноста на членовите на избирачките одбори, на гласачите, туку во прв ред целат на ниска излезност и немањето доволна покриеност на изборниот процес од страна на набљудувачите. Сето тоа отвара објективни услови за изборен фалсификат. Ако Заев сега преку партиска псевдоневладина организација дели поткуп на гласачите спакуван како хуманитарна помош, може само да се замисли што ќе значи тоа при избори без контрола.