Топло лето во Грција со силни и редовни топлотни бранови, најавуваат метеоролозите. Топлотниот бран од минатата година стана најдолгиот во историјата на земјата, според висок претставник на Националната опсерваторија.
-Според податоците, веројатно ќе поминеме низ 16-17 дена топлотен бран, каков што досега не се случил во нашата земја, изјави за телевизијата ЕРТ Костас Лагувардос, директор за истражување во Националната опсерваторија.
Грција се подготвува за „исклучително тешко“ лето и ќе ја зајакне својата превенција од шумски пожари и механизмот за гаснење пожари, бидејќи климатските промени се закануваат со високи температури, велат локалните власти.
Оваа година властите се подготвуваат да се борат со пожарите со „повеќе жива сила од кога било“, мобилизирајќи приближно 18.000 пожарникари, вклучително и специјално обучена единица, и инвестирајќи над 2 милијарди евра во нова опрема, како и седум авиони што фрлаат вода и 1.100 противпожарни возила, објави министерот за климатски кризи и цивилна заштита, Василис Кикилијас.
-Сите кои ќе доаѓаат во Грција во текот на идната недела треба да знаат дека ќе биде многу топло, во некои делови од Грција температурата ќе надминува 40 степени. Тоа значи дека ќе биде зголемена опасноста од пожари. Доколку се случи пожар во ваша околина и ако добиете порака од бројот 112, придржувајте се до дадените упатства. Се надевам дека нема да дојде до тоа, но не е лошо луѓето да бидат информирани што значи порака од бројот 112. Звукот на пораката е исклучително иритантен и прекинува во оној момент кога пораката ќе ја видите и ќе ја затворите. Можни се пораки како предупредување заради превентива, пишува на популарна Фејсбук група наменета за туристите во Грција, Радмило Белиќ кој долги години живее таму.
Минатата година, 20 луѓе ги загубија животите поради шумски пожари, изгореа над 120.000 хектари шуми и обработливо земјиште, а стотици куќи беа оштетени или уништени.
Минатиот јули, рекордни 46,4 Целзиусови беа забележани во Гитео, лоциран во регионот на Пелопонез. Ова постави нов рекорд за највисока температура досега забележана во Грција од почетокот на рекордите во 2006 година.
Научниците велат дека климатските промени ги прават топлотните бранови подолги, поинтензивни и почести.