За Спасовски возилата поприоритетни од мигрантската криза

Од неговото влегување во МВР, новиот технички министер Оливер Спасовски се фати за ликсузното „Ауди“ и сликањето за дипломатски пасош, наместо барање на решенија за справување со мигрантската криза, глобалниот проблем со кој се соочува целиот свет.

Додека сите се фокусирани на колку што е можно поефективно справување со мигрантската криза, особено по страшните терористички напади во Париз, поприоритетни за Спасовски се мобилните телефони и возилата во министерството. Технички назначениот министер ги одзеде овластувањата на сите полицајци, а како свој приоритет одлучи да бара списоци за сите 12.000 вработени какви мобилни телефони користат и какви службени возила управуваат, пишува Курир.

Технички назначениот министер или проценил дека не е компетентен или пак сметал дека воопшто не е важен министерскиот состанок кој овие два дена се одржува во Љубљана, а кој е посветен на мигрантската криза. Имено, во Брдо кај Крањ вчера и денес се одржува неформален состанок на министри за внатрешни работи од регионот за менаџирање на мигрантските текови.

Цела Европа е на нозе, а организаторот на состанокот Словенија според информациите кои ги пренесуваат регионалните медиуми се соочува со голем притисок од Австрија која планира да го ограничи приемот на илегални мигранти. Тоа веројатно ќе значи подигнување на ѕидови и пречки долж балканските држави.

Словенија и Aвстрија, врз основа на Шенгенскиот договор, ја информирале Србија дека ќе ги затворат границите за прием на бегалци, јави Српската радио телевизија. Според истиот извор, слична можност разгледуваат и хрватските власти.

На неформалниот состанок посветен на проблематиката на менаџирање на миграциските токови учествуваат министрите за внатрешни работи на Грција, Македонија, Србија, Хрватска и Словенија. На состанок со словенечката министерка Весна Жнидар и другите колеги од регионот е и заменик- министерот Митко Чавков, кој ги застапува ставовите на Република Македонија за справување со кризата

На состанокот на кој што свое излагање имаше и Чавков, покрај презентирањето на актуелните состојби со мигрантите во секоја од земјите пооделно, фукусот беше ставен на натамошното продлабочување на оперативната соработка меѓу земјите на трасата на миграцискиот бран, како и околу активностите што треба да се превземат на тој план.