Името „Никоб“ е синоним за фирма за обезбедување, но од неодамна, барем за пошироката јавност стана познато дека оваа комапнија се занимава и со други бизниси кои се многу исплатливи, но и дека добива вредни владини тендери.
Кирил Лазаров е сопственикот на „Никоб“, но тоа не е нашата ракометна икона, туку е бизнисмен од Струмица, кој наеднаш исплива како играч од голем калибар на македонскиот деловен пазар. Затоа има многу прашања. Дали навистина тој е сопственикот на Никоб и сестринските фирми?
Лазаров и „Никоб Медикал“ избија во прв план неодамна кога во Собранието требаше да се промени Законот за здравствени услуги, со што ќе се овозможеше приватизација на Брзата помош. Опозицијата се спротивстави на овој предлог, а лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски рече дека станува збор приватната компанија во медицинскиот бизнис, алудирајќи на „Никоб“, поврзувајќи ја со премиерот Зоран Заев.
Сопственикот Лазаров се бранеше со тоа дека Апасиев и Мицкоски се деструктивни личности и дека тие само ги кочат работите, а за возврат ништо не предлагаат.
Тој објаснува дека пред две години решиле да вложуваат во приватна здравствена заштита. Почнале со 10 возила, потоа набавиле уште пет.
„Инвестицијата е сериозна, околу 2 милиони евра, се вработија 180 доктори, спасивме многу животи за време на пандемијата. Очигледно дека ова им пречи на опозицијата поради некои нивни интереси“, изјави Кирил Лазаров, додавајќи дека пречки за работа немаат ни сега, а измените на законот кои би биле добредојдени би овозможиле тимовите да излезат на терен наместо како сега да седат во ординациите.
Според Лазаров, „Никоб Медикал“ засега работи со загуба, а „Никоб Лаборатории“ работи со добивка, но и покрај тоа тие ги намалиле цените за ПЦР тестовите затоа што според нив реалната цена е четири пати пониска од онаа што им е нуди на граѓаните.
Но сепак, факт е дека многу заработија во корона-кризата.
Имајќи ги предвид излагањата на Лазаров, се поставуваат бројни прашања. Дали свесно се прави нешто со пресметана загуба? Дали крајната цел е работа со државни пари, односно со Фондот за здравствено осигурување (ФЗО)? Кој го овозможува тоа? Дали блискоста со Владата/ Премиерот се гаранцијата за сигурна зделка и исплатлив бизнис?
Покрај влезот во здравствениот бизнис, фирмите на Лазаров добиваат лиценци за влез во електроенергетскиот бизнис, како и во производството на марихуана, се шири во земјоделството, нешто што за три години не им успева ниту на големите ивнестициски фондови. Како формула за успех се смета работата со државни орагни и блсикоста со Владата, односно премиерот Заев и неговите фирми.
Лазаров, кој е прв човек на Македонско-бугарската стопанска комора, беше спомнат во случајот „Канабис-милионите на Заев“. Ружица Николовска од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека од вкупно 31 доделена лиценца, од кои само 10-на се доделени во декември, поголем дел од нив се доделени на фирми чии сопственици се блиски до Владата на Заев и СДСМ.
– До сега презентиравме две фирми блиски и поврзани со Владата на Заев и СДСМ, фирмата на синот на познатиот Ванчо Деликатес и фирмата на сопственикот на Делукс Ауто, Бобан Спасовски. Денес ќе презентираме и трета фирма којашто добила лиценца доделена од Владата на Заев. Фирмата Канналифе ДОО Ивањевци Могила е една од фирмите која добила лиценца, инаку фирма чиј сопственик е фирмата Арекспорт Струмица, чиј краен сопственик е Митра Лазарова, мајка на Кирил Лазаров, сопственикот на „Никоб“ Обезбедување. Инаку, „Никоб“ Обезбедување важи за фирма блиска до Владата на Заев и СДСМ, и има добиено бројни тендери од Владата, при кој најпознат е тендерот во вредност од околу 3 милиони евра каде што ја обезбедуваат Владата и уште 30-тина државни институции. Владата на Заев доделува лиценци на свои блиски фирми, без размислување дали предизвикува хиперинфлација на лиценци или дали се исполнуваат критериумите за доделување на такви лиценци, рече Николовска на прес-конференција.
Сепак, многу чудно е како Владата одлучи приватно обезбедување да ја обезбедува. Така, во 2018 година Агенцијата за обезбедување „Никоб“ била најповолен понудувач на 3-милионскиот тендер на Службата за општи и заеднички работи на Владата на Република Македонија за физичко обезбедување на повеќе од 30 државни објекти во наредните три години, беше објавено на веб-страницата за јавни набавки, на почетокот на октомври во 2018 година.
Тогаш од трите фирми кои се пријавиле, две биле одбиени, па така „Никоб“ останала единствен наддавач на електронската аукција.
Според барањата на тендерот, во рок од три години Агенцијата физички ги обезбедува објектите на државните органи, ја гарантира личната сигурност на лицата кои работат во објектите на државната управа и одржува ред во просторот што се обезбедува. Под нејзина надлежност е и видео-надзорот на објектите.
Каква била процената на Владата приватна фирма да ја обезбедува, кога во МВР има цел сектор што се занимава со тоа? Зарем не се дуплираат трошоците?
Тогаш „Никоб“ ги обезбедуваше и општината Ѓорче Петров за 140.000 евра и Градот Скопје чиј тендер тежеше 125.000 евра, како и 23 училишта во Скопје за 160.000 евра, но и други јавни институции.
„Никоб„ е формирана 1995 година од Благоја Николовски, кој потоа ја продава на бугарска фирма Сот 161, за бугарските сопственици да ја препродадат на македонски стопанственици, односно Кирил Лазаров. Информациите велат дека оваа фирма вработува околу 1.800 лица.
Инаку, газдата на „Никоб“ е и почесен конзул на Бугарија во Македонија, а високо образование завршил во Софија.
Ако се имаат предвид обвинувањата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за бизнисите на Заеви и нивната поврзаност со Бугарија, се наметнува прашањето дали Лазаров е вистинската личност за покритие на нивните бизниси? Дали Лазаров им обезбедува бугарска заштита на Заеви?