По основ на прилив од работен однос, во периодот 11.03.2020 до 31.05.2020 година во Агенцијата за вработување, со статус на невработени лица се стекнале 11.904 лица, а за кои претходно имало регистрирана пријава во задолжително социјално осигурување.
– Според основот на престанок на работниот однос, од 11.904 лица кои се стекнале со статус на невработени, 5.703 лица (47,9%) се поради истек на определено време, 3.082 лица (25,9%) се поради спогодбен престанок на работен однос, 1.169 лица (9,8%) се поради отказ од работодавачот, 1.112 лица (9,3%) се поради отказ од страна на работникот, 380 лица (3,2%) се поради отказ од деловни причини (технолошки, економски, организациони и слични промени), 104 лица (0,9%) се поради стечај – ликвидација, 76 лица (0,6%) се поради престанок на дејноста на работодавачот, а останатите 278 лица (2,3%) се поради други основи на престанок (записник од Државен инспекторат за труд, судска пресуда и сл.) – стои во соопштението од Агенцијата.
Оттаму велат дека според претежната дејност на работодавачот, најголем дел од приливот на невработени лица од работен однос е од преработувачката индустрија, 4.230 лица или 35,5%, потоа од дејноста трговија на големо и трговија на мало, 2.324 лица или 19,5%, како и од дејноста објекти за сместување и сервисни дејности со храна, 1.432 невработени лица или 12,0%.
Според возраст на лицата, најголемиот број се на возраст од 30 – 49 години (5.729 лица или 48,1%), на возраст до 29 години се 3.276 лица (27,5%), а на возраст над 50 години се 2.899 лица (24,4%).
Вкупниот број на невработени лица евидентирани во Агенцијата за вработување во периодот март – мај 2020 година бележи зголемување за 12.297 лица.