За три месеци казнети 26.530 лица, 415 проценти повеќе од првите седум месеци

Во услови на корона криза кога огромен дел од граѓаните останаа без работа, компаниите трпат штети, премиерот Зоран Заев и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски одлучија буџетската дупка да ја пополнат удирајќи по џебот на граѓаните.

Лошите економски политики на Владата, меѓу другото, резултираа и со засилени сообраќајни контроли на полицијата за кои од МВР велат дека се спроведуваат со цел намалување на сообраќајните несреќи.

Спасовски во денешниот отчет за 100 дена Влада истакна дека за три месеци бројот на напишани казни е за 415,18 проценти поголем од бројот на прекршоци во првите седум месеци од оваа година.

-Ако во првите седум месеци бројот на сообраќајни контроли беше помал за 73% , а бројот на преземени мерки за 69,4% одошто во истиот период минатата година, со засилените акциски контроли во последниов период, ноември беше завршен со намален број на сообраќајни незгоди за 21%, бројот на незгоди со тешки телесни повреди се намали за 47%, а бројот на жртви за 36%, за разлика од ноември 2019. Или, во периодот септември-ноември беа констатирани и законски санкционирани вкупно 26.530 прекршители, што е за 415,18% повеќе од периодот јануари-јули 2020 (5.150 прекршители), истакна Спасовски.

Во Агенцијата за вработување на крајот на ноември годинава се регистрирани вкупно 155.218 невработени лица. Од почеток на ковид-кризата бројот на лица кои останале без работа е поголем за над 45.000.