За учебникот по социологија немало никакви забелешки од наставниците

Ќе се разгледаат сите опции дали да се повлече или да се корегира учебникот по Социологија за втора година и ќе се избере најдоброто решение, изјави денеска министерот за образование и наука Арбр Адеми.

– Се согласувам дека во содржината на тој учебник има пропусти и грешки, но веќе сме во контакт со Бирото за развој на образованието и со Педагошката служба да се следи постапката и да се отстранат тие недостатоци, изјави Адеми, одговарајќи на новинарски прашања по денешното потпишување на спогодбите за зголемување на платите во образованието и науката.

Тој посочи дека по донесувањето на Законот за учебници во основното и во средното образование во 2018 година, направена е анкета меѓу наставниците за тоа дали имаат забелешки или сугестии за учебниците, но оти конкретно за овој учебник не се добиени никакви сугестии.