
Десет ирански војници се осуден на затворски казни во траење од една до десет години, поради нивната вклученост по трагичното соборување на украинскиот патнички авион од јануари 2020 година при полетувањето од Техеран во екот на иранско-американските воени тензии, соопштија во неделата иранските правосудни органи.
Првообвинетиот, командантот на одбранбениот противвоздушен систем „Тор- М-1“ е осуден на десет години затвор, бидејќи со уривањето на авионот ја прекршил наредбата на надредените, а другите деветмина се осудени на казни од една до три години затвори, објави иранскиот портал Mizan Online.
„Командантот на одбранбениот систем истрелал две ракети на украинскиот авион на летото PS752, спротивно на одлуката на командното место, без одобрување и прекршувајќи ги упатствата“, рекол неименуван правосуден извор на порталот. Властите во ноември 2021 година известија дека во Техеран започнало судењето на десетмина воени лица „со разни чинови“.
Во соопштението за јавноста, иранските правосудни власти не ги изнесуваат деталите за идентитетот на осудените, меѓу кои четворица биле задолжени за противвоздушниот систем, командантот на базата крај меѓународниот аеродром близу Техеран за противвоздушна одбрана и офицер од контролниот центар.
На 8-ми јануари 2020 година иранските противвоздушни сили го соборија цивилниот авион „Boeing“ на летот од Техеран до Киев, и притоа загинаа 176 лица, главно Иранци и Канаѓани, од кои многумина имале двојно државјанство.
Ноќа кога се одигра трагедијата иранските противвоздушни сили беа ставени во највисоката борбена готовност. Непосредно претходно, Иран ја ракетираше американската воен база во соседен Ирак, како одмазда за американскиот атентат со беспилотно летало пет дена претходно на меѓународниот аеродром на ирачката престолнина Багдад во кој беше убиен генералот на Револуционерната града, Касем Сулејмани, кој важеше за архитект на растечкото иранско влијание на Блискиот исток.
По ракетирањето врз базата, за која САД досега не издадоа конкретни податоци за бројот на настрадани војници, Иран очекуваше американски удар и неговите сили беа ставени во максимална борбена готовност. Неколку седмици подоцна, тогашниот американски претседател Доналд Трамп призна дека борбените авиони и ракетни сили биле отповикани во последен момент пред да изведат напади врз цели на територијата на Иран.