За Јурова дигиталната војна на Русија и Кина ја поткопува демократијата на ЕУ

Русија и Кина водат дигитална војна со лажни вести и дезинформации за да ја поткопаат демократијата во Европа, а Европската унија мора да развие „алатки“ за да возврати, изјави денеска потпретседателката на Европската комисија за вредности и транспарентност Вера Јурова.

Таа рече дека двете земји поседуваат „вооружени информации“ и оти нема да се откажат се додека Европа не им се спротивстави.

– Постојат надворешни актери, Русија и се повеќе Кина, кои активно користат дезинформации и поврзани тактики со мешање за да ја поткопаат европската демократија, рече Јурова на конференцијата на експерти за дезинформации и креатори на политики во Брисел.

– Двете земји ќе се чувствуваат удобно се додека не покажеме дека нема да ја толерираме оваа агресија и мешање, истакна таа.

Јурова рече дека „дигиталната војна“ е омилена метода на Русија и Кина затоа што тие сметаат дека е ефикасна и евтина, и додаде не е доволно наивна да верува дека некаков разговор ќе ги обесхрабри во тоа.

Европа мора да најде најдобар начин да се одбрани себеси и својата територија и да користи најефикасни „алатки“, вклучително и финансирање и нова политика, подвлече Јурова.