За уставни измени најдете модел својствен за Македонија, порача хрватскиот премиер

На политичките партии и на институциите им порачувам за уставните промени треба да најдете модел и решение што се својствени за овде во Македонија, порача хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ на пресконференцијата со македонскиот колега Димитар Ковачевски при денешната посета во Скопје.

– Сега сме во фаза тие финални процеси да ги забрзаме, тој пат да добие своја динамика и во контекст на давање на статусот кандидат на Молдавија и Украина, условниот на Грузија, и кандидатскиот статус на БиХ, сега Северна Македонија може да го забрза тој процес. Хрватска во тој процес ќе ѝ помогне – рече Пленковиќ и рече дека можно е главниот преговарач на Хрватска, Владимир Дробњак да биде делегиран да ѝ помогне на Владата.

Пленковиќ смета дека за неколку години Македонија ќе стане членка на ЕУ.

Претходно, Ковачевски изјави дека треба да се изработи предлог кој ќе одговара на македонското општество. За предлогот на ВМРО-ДПМНЕ уставот да се смени по хрватскиот модел, тој не го кажа својот став.

– Не кажав што е прифатливо а што не е, рече премиерот додавајќи дека има три предлози од три партии меѓу кои и тој на ВМРО-ДПМНЕ за хрватскиот модел – изјави македонскиот премиер.

– Експертите врз основа на најдобрите искуства ќе изработат предлог што ќе биде ставен на јавна расправа, а кој ќе одговара на македонското општество, на македонските закони и на Македонија како идна земја членка на ЕУ. Не кажав ни дека сум за, ни дека сум против тој предлог – порача Ковачевски оставајќи му отворена врата на Мицкоски ако сака да влијае на процесот, да предлага таму каде што треба.