За уставните измени ќе се дебатира со граѓански организации и со експерти

Уставните измени во текот на следните неколку недели или месеци ќе бидат актуализирани на дебати со граѓанските организации и експерти во однос на нивната содржина но и во однос на нивното политичко значење, рече денеска вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ на прес-конференција одговорајќи на новинарско прашање.

Според Маричиќ, политичкото значење е многу повеќе од само уставни промени на еден дел од преамбулата и на еден амандман на Комитетот за односи меѓу заедниците, туку, како што напомена, овие уставни амандмани имаат значење на практично „зелено светло“ од наша страна, од нашето Собрание, за продолжување на преговорите со Европската Унија.

-Прашањето за уставните измени е прашање кое што е веќе отворено. Ние веќе правиме консултации на експертско ниво, а имавме и лидерска средба во Собранието која што го иницираше тој дијалог. Уставните измени во текот на следните неколку недели или месеци ќе бидат актуализирани на дебати со граѓанските организации и експерти во однос на нивната содржина но и во однос на нивното политичко значење, рече Маричиќ.

Тој верува дека оваа општествена дебата која ќе се одвива меѓу граѓанските организации и академската јавност со бизнис заедницата околу политичкото и економско значење, но и значењето на овие уставни амандмани на долг рок за нашата држава, ќе бидат вовед во институционална дискусија и продолжението на оваа процедура внатре во Собранието.

-Треба да сме подготвени и сите да дадат свој придонес во овој процес, за тој да може и успешно да започне но уште поважно, и успешно да заврши, додаде Маричиќ.

Во однос на прашањето дали е најавена лидерска средба на која ќе се разговара за уставните измени, премиерот Димитар Ковачевски напомена дека во моментов не е предвидено, но доколку се појави потреба, тогаш ќе биде закажана средбата.