За власта не е проблем тоа што без донесен закон се сменил системот за лични карти, туку блокадата од опозицијата

Повеќе од 41.000 граѓани во овој момент чекаат Министерството за внатрешни работи да им издаде нови лични карти. Нови, со новото уставно име на државата, Република Северна Македонија.

Надлежните објаснуваат дека не постои можност да се изработат лични карти со старото име, бидејќи, како што се вели, „веќе е извршен технички трансфер на системот за изработка на сите лични исправи“.

Проблемот е во тоа што МВР не смее да почне да издава нови лични карти се додека не се донесе новиот закон за лични карти, кој во Собранието е блокиран со 1.506 амандмани од опозицијата.

Премиерот Зоран Заев о бјаснува дека законот за личните карти е блокиран со амандмани од Левица, додека политичката партија БЕСА била „доволно флексибилна да поднесе амандман за почеток на дејствие од 2023 година за етничката определба на граѓаните во личните карти, очекувајќи Европа да се изјасни по ова прашање“.

– Првата можност е парламентот од 1 септември да го донесе законот и да се издадат тие лични карти. Втората можност е Министерството за правда, заедно со другите надлежни ресори, да работат како да изнајдат начин, со одлуки, со правилници или со критериуми, да дадат можност и со истечена лична карта да се гласа, затоа што граѓаните може да гласаат и со лична карта и со пасош. Но, сите немаат пасоши – изјави Заев.

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, на неговиот Фејсбук профил напиша дека не фалат обрасци за лични карти и дека системот е добар, само треба да се изгласа Законот за лични карти.

-Не обвинувам, само ги повикувам тие што се платени од граѓаните да ја вршат работата, да го изгласаат Законот за лични карти, бидејќи овој проблем покренува многу проблеми во секојдневното функционирање и мора да бараме излезно решение за да граѓаните ги остварат своите права – напиша Спасовски.