Доколку СДСМ продолжи со своето неконструктивно и антидржавно однесување, преку кое го минира процесот и договорот од Пржино се со цел и само за да побегне од избори, а Македонија да ја изгуби препораката за почеток на преговори, ВМРО-ДПМНЕ е подготвена и спремна за сите опции, велат од владејачката партија.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека тие се однесуваат принципиелно и во согласност со договорот од Пржино додека пак СДСМ се обидува по секоја цена со паушални толкувања да бара негово проширување и дополнување.
Достоинственото држење на ВМРО-ДПМНЕ предизвикувало нервоза кај СДСМ, кои пак се обидуваат да заплашуваат со терминологијата дека “за СДСМ сите опции се отворени” алудирајќи на закани со повторно објавување на незаконските стекнати, креирани и објавувани материјали.
И за нас се отворени сите опции, велат од ВМРО-ДПМНЕ, отворени се сите опции за активности и дејства предвидени со законите и со уставот кои како пракса постојат во сите демократски земји и кои се потврдени со волјата на народот.
Од владејачката партија понатаму велат дека нивен најголем сојузник е народот, а во таква ситуација е чест да се бранат државните и национални интереси, како и принципите и вредностите на граѓаните на Република Македонија.