Граѓанската иницијатива За заедничка Македонија, којашто се противи на прифаќањето на ткн Тиранска платформа, нема да протестира во текот на Велигреднските празници, најави во четвртокот еден од организаторите на иницијативата, Богдан Илиевски, но истакна дека тоа не значи дека граѓаните нема да бидат на готовс.
„Тоа што нема да сме по улиците од 17 до 19 часот, марширајќи овие денови до вторник, не значи дека не сме цело време спремни, на готовс, дека ја следиме ситуацијата и дека доколку некој се дрзне и за време на овие големи празници се обиде да прави нешто што не би требало да го прави, ќе има соодветна акција, соодветен одговор“ порача Илиевски.
Вели дека граѓанската иницијатива За заедничка Македонија ќе ги продолжи активностите во вторник, и додаде дека одлуката за оваа пауза на активностите е донесена поради тоа што Собранието нема да работи за време на празниците.
„Собранието денеска не работи, па ни ние нема однадвор да го потсетуваме она што го потсетуваме наназад 45 дена“, исткана Илиевски.
На сите граѓани на Република Македонија им ги честиташе Велигденските празници. „За заедничка Македонија на готовс: Во вторник продолжуваме со активности како и досега“, рече Илиевски.