Идната претседателка, Гордана Силјановска-Давкова, вели дека на Државната изборна комисија им честитала за успешното спроведување на изборите, пренесувајќи ги заклучоците на набљудувачката мисија и на Парламентарното Собрание на ОБСЕ дека се задоволни од нивната работа, но притоа напомена дека земјава долго и се уште очекува да слушне од ОБСЕ и ОДИХР дека изборите во земјава биле фер и демократски.
„Уверението секогаш претходи на прогласувањето што ќе се случи утре во Собранието за изборот за претседател на државата. Формална круна или формално финале на изборите. Јас со должно внимание им се заблагодарив на членовите на Државната изборна комисија, им го кажав она што го чув и од набљудувачката мисија и на Парламентарното Собрание на ОБСЕ, дека се задоволни од нивната работа, дека имало инциденти, меѓутоа и во поглед на роковите и во поглед на постапувањето дека Државната изборна комисија ја спровела работата согласно законот“, изјави Силјановска Давкова.
Таа потенцираше дека досега не сме чуле формулацијата од ОБСЕ и ОДИХР да биде „фер и демократски“ и дека тоа е долгоочекуван израз.
„Ќе ја чуеме точната формулацијата од ОБСЕ и ОДИХР, ние за жал досега не сме чуле фер и демократски, а тоа е тој долгоочекуван израз, обично изборите биле добро спроведени и добро менаџирани и така натаму. Во поглед на претседателските избори нема предмети што се во постапка, има само за парламентарните“, рече Силјановска Давкова.
Уверението на Силјановска Давкова и го врачи претседателот на ДИК, Александар Даштевски откако претходно на седница беше објавена конечност на изборните резултати и беше констатирано дека таа е избрана за претседател со мнозинство гласови од избирачите кои гласале. Силјановска-Давкова освои 561 000 гласови, наспроти нејзиниот противкандидат Стево Пендаровски за кого гласале 251 899 избирачи.
Сега следува процесот на инаугурација на новата претседателка во Собранието, која според најавите е извесно дека ќе се одржи утре напладне. Гордана Силјановска-Давкова, која е шестиот претседател на Македонија од независноста и воедно прва жена претседател, пред пратениците од претходниот парламентарен состав треба да даде свечена изјава по која и официјално ќе започне нејзиниот петгодишен мандат.