Жителите на населбата Автокоманда денеска во 17 часот на плоштадот Коцка ќе се соберат да го изразат своето незадоволство затоа што без никој да ги информира или да побара нивна согласност, било извршено промена на снабдувачот на топлинска енергија. Па така, наместо како досега нивните домови да се греат на „железарското“ парно во текот на 24 часа, во иднина топлина ќе им испорачува ЕСМ Снабдување, до 22 часот навечер.
Според градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски, спорен е начинот на кој се спроведени активности од службите на „Енергетика“ и ТЕ-ТО, без знаење, информирање и согласност од граѓаните кои се корисници на топловодно греење и имаат склучено полноважни договори за снабдување со топлинска енергија.
„Општина Гази Баба и јас како градоначалник немаме никаква директна законска надлежност по однос на тоа кој снабдувач со топлинска енергија ќе ги снабдува домаќинствата во Автокоманда. Барањата на граѓаните се и мои барања. И затоа ја имате мојата поддршка во остварувањето на вашите права – вели Стефковски во своето обраќање до жителите на Автокоманда.
Објаснување за ситуацијата дадоа од АД ЕСМ. Според Александра Маројевиќ, помошник директор за производство, од 1 февруари годинава, согласно Одлуката донесена од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги, ЕСМ Дистрибуција на топлина ја извршува енергетската дејност дистрибуција на топлина и во населбата Автокоманда.
„Поради оптимирање на трошоците и зголемување на ефикасноста на двата системи за централно греење кои функционираат одделно согласно лиценците: ЕСМ Енергетика и системот кој го сочинуваат ЕСМ Дистрибуција, ЕСМ Производство и ЕСМ Снабдување, извршено е одделување на мрежата која се наоѓа во населбата Автокоманда од ЕСМ Енергетика и нејзино спојување на дистрибутивната со мрежата која ја управува ЕСМ Дистрибуција и овие две мрежи се сега една функционална целина. Согласно Законот за енергетика, ЕСМ дистрибуција на топлина, по претходно одобрување од РКЕ, има склучено договор со ЕСМ Снабдување со топлина за продажба на топлинска енергија наменета за потребите на потрошувачите. Токму затоа потрошувачите од оваа населба, од 1 февруари се потрошувачи на ЕСМ Снабдување – изјави Маројевиќ.
Во наредниот период потрошувачите од населбата Автокоманда фактурите за парно за февруари, ќе ги добијат од ЕСМ Снабдување.
Според Маројевиќ, за домаќинствата фактурите нема да бидат зголемени во однос на оние кои претходно ги добивале, додека деловните потрошувачи и образовните институции, кај кои наплатата се врши по мерач, ќе плаќаат по пониски тарифни ставови за топлинска енергија.
Маројевиќ објасни дека потрошувачите од Автокоманда треба да склучат “Договор за снабдување со топлинска енергија” со новиот снабдувач.