Борусија Дортмунд и официјално во понеделникот на својата интернет страница објави дека нов играч во клубот е 29-годишниот австриски фудбалски репрезентативец Марсел Забицер.
Забицер дојде во Борусија од минхенски Баерн, најголемиот ривал во Бундеслигата. Овие две екипи и минатата сезона до последната минута од првенството водеа драматична борба за титулата германски шампион, а Борусија ја загуби предноста во последното коло, па на крајот славеа Баварците.
Забицер е играч на Баерн од 2021 година, но вториот дел од минатата сезона го мина како позајмен во Манчестер Јунајтед. Борусија изјави дека овој офанзивен играч за врска потпишал договор со клубот од Дортмунд до јуни 2027 година.
Претходно Забицер играше за Адмира Вакер, Виена Рапид, Ред Бул Лајпциг и Ред Бул Салцбург. Одигра вкупно 185 натпревари во Бундеслигата и забележа 34 гола и 29 асистенции. За австриската репрезентација впиша 71 настап со постигнати 14 голови.