Маж заразен со коронавирусот кој минатата седмица со уредот за кислород усмртил пациент во неговата болничка соба во американската сојузна држава Калифорнија е обвинет за убиство и злосторство од омраза, пренесува во четвртокот BBC.
Триесет и седумгодишниот Џес Мартинез убил 82-годишен маж со кој ја делел болничката соба откако овој почнал да се моли, соопшти полицијата во Лос Анџелес.
Мартинез тогаш посегнал по боцата со кислород и го удрил старецот кој починал следниот ден. Двајцата биле лекувани од Covid-19 во градот Ланкастер во Калифорнија.
„Осомничениот се вознемирил кога жртвата започнала да се моли“, соопшти полицијата, додавајќи дека Мартинез освен за убиството е обвинет и за слосторство од омраза и за злоставување на стари лица.