Забрана за движење на тешки товарни возила на повеќе патни правци

Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови по влажни коловози, наместа со остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурни екипи на Македонија пат. Врнежи од снег со променлив интензитет проследени со северен ветер се бележат на целата територија на државата. Поради ниските температури наместа е можна појава на голомразица. На одредени патни правци кои поминуваат низ клисури и усеци можна е појава на поситни одрони.

Поради снегот забрана за движење на тешки товарни возила има на повеќе патни правци.

Од 08.30 часот утрово на патниот правец Тетово – П.Шапка забранет сообраќајот за тешки товарни возила и автобуси.

Од ноќеска во 00.45 часот е воведена забрана за сообраќај за тешки товарни возила на патниот правец Кичево – Охрид преку планинскиот превој Пресека.

Забрани за движење на тешки товарни возила се воведени од синоќа  на патните правеци: Ресен – Охрид преку планинскиот превој Буково, Дебар – Струга и обратно, Битола – Ресен преку планинскиот превој Ѓавато, Македонски Брод – Прилеп преку планинскиот превој Барбарос, Струга – Г.П. Ќафасан  како и Гостивар – Кичево преку планинскиот премин Стража и  Маврово – Дебар каде што е воведена забрана за сообраќај на тешки товарни возила со приколка.

Се апелира на внимателно возење и прилагодување на брзината спрема условите на патот.

Од Македонија пат наведуваат дека нивни дежурните екипи се постојано на терен и ги одржуваат сите патни правци проодни.