Забрана за извоз на семе од сончоглед

На денешната седница Владата ја усвои одлуката за воведувањето на забрана за извоз на семе од сончоглед. Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Минстерството за економија, доставија Одлука, со која предложија ограничување на извозот на нова тарифна ознака 1206 00- семе од сончоглед, вклучувајќи кршени или дробени. Рокот на примена на овој тарифен број ќе продолжи да важи до 31 декември 2022 година.

Причината за новата Одлука за ограничување на извозот на одделни стоки со тарифната ознака 1206 00- семе од сончоглед, е да се овозможи по завршување на жетвата која треба да започне во втората половина на август, прво да се снабди домашниот пазар односно домашните капацитети на производство на масло од сончоглед за јадење.

Во изминатиот период во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство беа одржани состаноци со производители и откупувачи на сончоглед при што беше заклучено дека во државата има доволни количини и финансиски средства за откуп на сончогледот од регистрираните откупни претпријатија. Во 2022 година се очекува производство на 11.800 тони сончоглед и има доволни количини за покривање на 2 месеци од домашните потреби.

Со цел поддршка на производството на сончоглед, МЗШВ креираше неколку мерки.

За прв пат оваа година преку интервентната програма се обезбеди финансиска поддршка за вештачко ѓубриво за сончоглед и тоа 40% од цената или 2.500 денари по хектар како дополнителна мерка на основната финансиска поддршка по 11.000 денари на хектар без користење на сертифициран семенски материјал и по 15.000 денари на хектар со користење на сертифициран семенски материјал.