Забрана за пејџери и воки-токи на летовите на „Emirates“ по нападите во Либан

Авиокомпанијата „Emirates“ со седиште во Дубаи им забрани на патниците да носат пејџери и воки-токи уреди на нејзините летови откако минатиот месец беа активирани со експлозии уредите што ги користело либанското шиитско движење Хезболах.

„На сите патници кои патуваат до, од или преку Дубаи им е забрането да носат пејџери и воки-токи во чекиран или рачен багаж“, се вели во соопштението на авиокомпанијата објавена на нејзината веб-страница во петокот.

Се додава дека сите забранети предмети ќе ги конфискува полицијата во Дубаи како дел од засилените безбедносни мерки.

Илјадници пејџери и уреди за радовска користени од членовите на Хезболах експлодираа во септември. Се верува дека Израел е одговорен за нападот, но тој не ја презеде одговорноста.

Најголемата авиокомпанија на Блискиот исток, исто така, објави дека летовите кон Ирак и Иран остануваат суспендирани до вторник, а до Јордан ќе бидат обновени во недела.

Летовите за Либан ќе останат суспендирани до 15-ти октомври поради ескалацијата на израелските напади во Либан и врз позиции на проирански Хезболах, вклучително и нападите во близина на аеродромот во Бејрут.

Неколку други авиокомпании, исто така, ги прекинаа летовите кон Бејрут и другите регионални аеродроми поради зголемените тензии.