По иницијатива од Здружението за развој Млади за јавен интерес Дебар, Уставниот суд поведе постапка за Параграф 4 алинеја 1 од Правилото за сместување и ред во Армијата на Република Македонија од 16.07.2012 година.
Од Судот информираат дека е оспорена одредбата со која „Во воените објекти се забранува вршење на верски обреди”.
Во оваа фаза од постапката, Судот изразил сомнеж дека оспорениот акт не е во согласност со темелните вредности на уставниот поредок утврдени во Уставот, односно на основните слободи и права на човекот и граѓанинот, владеењето на правото, како и на членовите 3,8 и 20 од Законот за правна положба на црквата, верска заедница и религиозна група.
Според Уставниот суд, со донесувањето на ваква одредба началникот на Генералштабот на АРМ ги пречекорил своите законски овластувања и се ставил во улога на законодавец, бидејќи таква содржина не може да биде уредена со подзаконски акт.
Уставниот суд направил анализа и оценил дека уредувањето на условите под кои може да се оствари правото на слободно вршење на верски обреди во рамки на вооружените сили претставува исклучиво „материа легис”, односно законска материја и во никој случај не може да се регулира со Правило.
Согласно ова, Уставниот суд цени дека оспорената одредба може да се доведе под сомнеж за неговата уставност и законитост.