Забранетиот град на Милошевиќ е оставен да се распаѓа. Инвестицијата вредна 50 милиони на Црни врв, требаше да стане модерен планински центар во Европа, а сега во целост е заборавен.
Од него останале само голи ѕидови и целата градба е обрасната со треви, а ниту крадците не доаѓаат затоа што нема што да се украде, пишува српски „Курир“.
Ако се прави список на промашените проекти на поранешниот претседател на Југославија Слободан Милошевиќ, сигурно дека на самиот врв ќе се најде изградбата на комплексот на Црн врв во близина на Бор.
Тоа требало да биде најмодерниот планински центар во Европа, но бомбардирањето на Србија од 1999-тата година и потоа завршувањето на неговата ера ги осуетија неговите планови, па градбата никогаш не била завршена. Од тогаш населбата на половина пат од Бор кон Жагубица е оставена да гние и да пропаѓа.
Сепак, сето тоа било добро замислено. Се планирало на 15 хектари да биде изграден големиот туристичко – спортски центар „Јелен Хајат“ во чиј склоп ќе работи хотелот „Хајат риџенси“, претседателска палата, апартманска населба, трговски центар, ресторан, банка, театар, кино, аптека, амбуланта, подземна гаража, базен, сауна, градинка, игралишта, ски-стаза, лизгалиште, хелиодром….
Се говори дека идеен творец на оваа, во тоа време скриена, тврдина била сопругата на Милошевиќ, Мирјана Марковиќ, а дека задачата, да го реализираат грандиозниот проект ја добиле прочуените социјалисти Никола Шаиновиќ и Драган Томиќ.
Работата врз оваа тврдина почнала во 1996-тата година, а на неа работеле и до 1.000 работници.
Во почетокот никој не знаел што се гради, градилиштето било опколено со обезбедување, па за љубопитноста некои можеле да платат и со сопствената глава.
Така Црни врв станува една од најдобро чуваните државни тајни, а некои дури и го нарекуваат Забранетиот град на Милошевиќ.
Во изградбата за три години биле вложени 50 милиони долари. Подигнати се 51.269 квадратни метри корисна површина, а за завршување била потребна уште толкава сума.
Но, откако почнало бомбардирањето на НАТО во 1999-тата година, работата врз Забранетиот град на Милошевиќ застанала точно на половина. Ниту една од зградите не е до крај завршена.
Сепак и по 2.000 –тата година работниците не се вратиле на објектот, а во годините што следувале единствени гости биле крадците, кои носеле се што може да се однесе.
Денес овој комплекс е вистинска рушевина. Тројца члeнови на обезбедувањето го чуваат она малку што останало од имотот. Да не се тие таму, комплексот би наликувал на вистински град на духови. Фасадите се рушат, дрвените делови одвај стојат на место, металната конструкција е ослабена…
Но, сепак, оваа тврдина остава без здив. Во нејзиниот центар е хотелот што требало да го носи името на светскиот „Хајат“. Но, до тоа не дошло, па сега хотелот го прават само голите ѕидови и бетонот. На четвртиот кат се наоѓаат единствените две завршени соби. Тие биле завршени во тој период затоа што требало да послужат како показен пример за тоа како ќе изгледа хотелот кога во целост ќе биде завршен.