Хакерската група LockBit 3.0 стои зад нападот врз КБЦ Загреб извршен во четвртокот и бара откуп, беше објавено во понеделникот на профилот HackManac на социјалната мрежа X.
HackManac пишува дека хакерите, меѓу другото, земале податоци за пациенти, податоци за прегледи, медицински истражувања, податоци за операции, за органи и донори, податоци од банката за ткиво и за вработените.
На крајот се наведува дека КБЦ Загреб има рок до 18-ти јули да го плати откупот, но неговата висина не беше прецизирана.
Хакерскиот напад врз КБЦ Загреб во четвртокот беше извршен еден ден откако хакери извршија напад во средата попладнето на неколку веб-страници на хрватски институции, меѓу кои Министерството за финансии, Даночната управа, Хрватската нарона банка и Загрепската берза.
Претходно руските хакери наречени NoName057(16) на својот канал на платформата Telegram, како што пренесуваат медиумите, напишале дека се одговорни за уништувањето на бројни веб-страници на хрватските институции.
„Помина извесно време откако ја посетивме Хрватска, па решивме да ги потсетиме на нас“, напишаа тие во средата, заедно со списокот на страници што ги урнаа: Министерство за финансии, даночна управа, ХНБ, Загребска берза.
Тогаш тие не презедоа одговорност за хакерскиот напад врз КБЦ Загреб.