Москва ги има сите причини и показатели да верува дека украискиот нападот врз гасоводот Турски тек во јужна Русија е извршен по инструкции на САД и Велика Британија, кои се заинтересирани Европската унија да ја принудат на поголеми набавки на скапиот американски течен природен гас (LNG), изјави постојаниот претставник на Русија во Обединетите нации, Василиј Небензја.
„Ги имаме сите причини да веруваме дека нападот врз инфраструктурата на Турски тек е извршен по инструкција на Вашингтон и Лондон, кои се заинтересирани ЕУ да ја навлече на скапиот LNG од САД“, рече Небензја на состанокот на Советот за безбедност при светската организација посветен на ситуацијата во Украина.
Небензја додаде дека САД и Велика Британија се тие кои го спречуваат започнувањето на објективна меѓународна истрага за „терористичкиот напад“ врз гасоводите Северен тек во Балтичкото море кои беа уништени во симултани експлозии пред година ипол со што дефинитивно беа запрени испораките на евтиниот руски гас кој беше основа за економскиот раст на Германија, а натаму и на Европа.
Русија во понеделникот објави дека соборила девет украински беспилотни летала кои се обиделе да нападнат дел од инфраструктурата на гасоводот Турски тек, преку кој Русија испраќа гас во Турција, а потоа во Европа. Руското Министерство за одбрана соопшти дека нападот бил насочен кон компресорска станица во Краснодарската област во јужна Русија, но дека станицата работи нормално и нема жртви.
Гасоводите Турски тек и Син тек, кои минуваат по дното на Црното Море до Турција, се последните рути на гасоводот од Русија до Европа, откако Украина одби да го обнови петгодишниот договор за транзит на руски гас преку нејзина територија на почетокот на годинава.
Гасоводот започнува на компресорска станица во близина на рускиот град Анапа и води до Кијикој во Турција, а потоа до Европа. Компресорските станици се користат за стабилизирање на притисокот на гасот и нивото на проток.
„Турски тек“ е извозен гасовод кој се состои од две линии. Една од нив е наменет за испорака на гас од Русија преку Црното Море за Турција, а вториот за земјите од Јужна и Југоисточна Европа. Неговиот дизајниран капацитет достигнува 31,5 милијарди кубни метри годишно. Гасоводот беше пуштен во употреба во јануари 2020 година. По саботажата на гасоводите Северен тек, тој останува единствениот пат за непречено снабдување со руски енергенс на европскиот пазар.
Министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, исто така, ги обвини Соединетите држави дека се обидуваат да го оневозможат Турскиот тек со рацете на нивите „украински клиенти“.
Руското Министерство за одбрана во четвртокот извести дека како одговор на нападот врз Турски тек, бил извршен групен ракетен напад врз гасната инфраструктура на Украина, а една од целите била копнената инфраструктура на најголемото подземно складиште за гас во градот Стриј во регионот Лавов, во кое се складира и гасот за некои европски земји. Според непотврдени информации, добиени од проруската мрежа во Украина, складиштето е гаѓано со моќни бомби и проектили и нанесени се големи штети.