Зад обидот за пуч и терористичкиот напад во Македонија стојат истите странски служби

Грчките медиуми повторно потврдуваат дека владата на ВМРО-ДПМНЕ не е посакуваниот соговорник во разговорите со јужниот сосед, јавува дописникот на Нетпрес од Атина.

Весникот “То вима” пишува дека политичката криза во Македонија поставува нови стандарди за грчката димпломатија, во време кога грчкото МНР е подготвено да преговара за мерките за градење доверба и во период кога треба да се креира енергетски коридор кој што ќе го транспортира рускиот природен гас од Турција и Грција, кон Македонија, Србија, Унгарија и централна Европа.

“То Вима” информира дека поранешниот претседател од редовите на СДСМ, Бранко Црвенковски, повикал на масовни демонстрации за соборување на владата на премиерот Никола Груевски и дека грчки дипломатски извори апелираат на преиспитување на намерата за разговор за мерките за доверба со Македонија поради тоа во земјата во моментов немало кредибилен соговорник.

“Грчки дипломатски извори во последно време ја ставаат под прашање најавата на грчката страна за намерата за градење на мерки за доверба со Македонија. Прашањето е фокусирано пред се на постоењето на неверодостоен соговорник во земјата”, пишува “То Вима”.

Грчкиот економски онлајн магазин “Ворија” неодамна информираше дека за лидерот на СДСМ Зоран Заев прифатливо е решение за името согласно грчките барања.

Весникот “Ризопастис”  пак, нагласува дека терористичкиот напад во Македонија се случува само неколку денови по изјавите на албанскиот премиер Еди Рама за обединување на Албанија со Косово.

“Важно е да се спомене дека овој чуден инцидент е забележан неколку денови по повторените изјави на албанскиот премиер Еди Рама за обединување на Албанија со Косово, или во или надвор од Европската Унија”, пишува “Ризопастис”.

Дел од грчките медиуми претходно информираа дека обидот за државен удар во Македонија меѓудругото е и последица на непопустливоста на премиерот Никола Груевски за името и идентитетот, поради што Грција нелегално не блокира во евро-атлантските организации, а тоа пак му оневозможува на Западот да ја држи Русија подалеку од Балканот и да ја спречи изградбата на гасоводот Турски тек. За дел од странските новинари и експерти пак, нема дилема дека терористичкиот чин во Липково беше организиран од истите странски служби кои што заедно со Заев се обидоа да направат државен удар во Македонија.

Српскиот воен аналитичар Мирослав Лазански посочува дека се погласното заговарање на Голема Албанија е насочено кон истата цел што ја има и Вашингтон, а тоа е по секоја цена да се спречи Русија економски и политички да влезе на просторот на југоисточна Европа.

“Тоа значи дека ако гасоводот Турски тек од Русија дојде до Турција и ако пројде низ Грција, тогаш Македонија е таа која што треба да ја одобри трасата на идниот гасовот. Можно е некој на Западот сега намерно да ја бранува ситуацијата во Македонија за оваа идна траса на гасоводот да биде доведена во прашање и да не биде реализирана поради нестабилноста во Македонија”, вели Лазански.

На иста линија е и рускиот аналитичар Андер Корибко, кој што во колумна за порталот Спутник пишува дека терористичкиот напад во Македонија е втората фаза од стратегијата на Западот за соборување на владата на Груевски, откако претходно пропадна обидот за Обоена револуција  во соработка со Заев. Корибко истакнува дека ова е усовршена стратегија која што прв пат беше применета во периодот на војната во Југославија, а се состои во неколку фази. Најпрвин на таргетираната влада и се поставува ултиматум, а неговото неприфаќање доведува до обид за организирање на Обоена револуција. Доколку и оваа фаза заврши без успех, тогаш се преминува кон дестабилизација на земјата.

“Во адаптацијата на овој шаблон за апликација во Македонија, може да се види дека земјата досега успешно се справи со обидот за Обоена револуција од Зоран Заев, што доведе до конкретна руска инвестиција во гасоводната инфраструктура на земјата, а тоа ја постави сцената за договорот меѓу Путин и Ципрас на почетокот на месецов. Сега, кога плановите за Балканскиот гасовод се забрзуваат, САД сфаќаат дека мора да дејствуваат брзо со цел да ги саботираат, па оттука е неочекуваната појава на албански тероризам во Македонија”, пишува Корибко.

И додека Западот се чини дека не бира средства во обидот за саботажа на Турски тек и спречување на руското влијание во регионот, транзитните земји веќе ги бројат придобивките од проектот. Грција очекува профит од стотици милиони евра годишно само од транзитот на гасот, додека иградбата на неговата инфраструктура ќе отвори околу 26 000 работни места. Политичките придобивки пак се насочени кон зајакнување на соработката меѓу Турција, Грција и Македонија и рестарт на дипломатските разговори за надминување на отворените прашања меѓу нив, со Москва како гарант за стабилноста во регионот.