Зад пожарите во Амазонија се крие глобалната глад за говедско и соја

Амазонија ја подјадуваат две земјоделски дејности: одглдување говеда и на генетската модифицирана соја, со што може да се протолкува драматичното ширење на шумските пожари во овој дел на Бразил, сметаат научниците.

„Екстензивното одлгедување говеда е главниот причинител за крчењето на амазонската прашума. Малку повеќе од 65 отсто од амазоснакта искрчена шума денес е под пасишта“, вели Ромуло Батиста, истражувач во Гринпис.

Бразил е најголемиот светски извозник на говедско месо. Оваа земја минатата 2018 година извезла рекордни 1,64 милиони тони говедско, покажуваат резултатите на Бразилскиот кластер на извозниците на месо. Главните пазари се Кина, потоа Египет и Европската унија. Титулата најголем извозник на говедско, Бразил ја должи на повеќе од дваесетгодишниот период на спектакулерен раст. На пример, во периодот меѓу 1997 и 2016 година извозот на говедско десеткратно се зголемил, и тежински и ценовно. Со овој пазар владеат три влијателни мастодонта: JBS, „Minerva“ и „Marfrig“.

Речиси 6,5 отсто од веќе искречената површина на Амазонија се наменети за одгледување земјоделски култури. Бразил, кој и досега беше најголемиот светски извозник на соја, пред САД, минатата 2018 година извезол рекордни 83,6 милиони тони, или 22,6 отсто повеќе од една година претходно, објави бразилското министерство за земјоделство.

Овој успех се толкува, во прв ред, со „апетитот“ на Кина, најголемиот светски потрошувач на бразилската соја која е главно ГМО, поради трговската војна меѓу Вашингтон и Пекинг која трае речиси една години, а кинескиот пазар сѐ повеќе се свртува кон Бразил во купувњето сточна храна. Извозот на бразилска соја во Кина минатата година скокнал за речиси 30 отсто.

И Европа е потрошувач на бразилската соја, која главно се употребува во прехранувањето на стоката, во прв ред на живината и свињите, се наведува во анализата на Гринпис.

Сојата била една од главните култури кои го „нагризуваа“ подрачјето на амазонските шуми. Но по мораториумот воведен во 2006 година „помалку од 2 отсто од сојата одгледана во Амазонија доаѓала од површините искрчени по 2008 година“, додава Батиста од Гринпис.

Одгледувањето на сојата во Бразил доживеа неверојатен подем кога произведувачите од југот се преселија во централните и западните делови од земјата, и кога се појавија новите методи за одгледување и примена на пестицидите.

Судбината на најголемата тропска шума на планетата, која со денови наназад ја голтаат пламени е во фокусот на самитот Г7, кој викендов се одржува во француски Бијариц. Според последните официјални податоци, од јануари 2019 година во областа на Амазонија забележани се дури 78.383 пожари, што е рекорден број од 2013 година, од кога се води евиденција за овие појави.

Експертите велат дека пожарите се последица од крчењето на шумите, а отежнувачка околност се големите суши кои ќе продолжат и во текот на септември. Повеќе од половината пожари горат ширум Амазонија, а само меѓу четвртокот и петокот избувнале нови 1.663 огнени стихии, според податоците на Националниот институт за вселенски истражувања (INPE).

Инаку, на почетокот од август беше отпуштен челникот на INPE, откако ги објави податоците за претераното крчење на шумите, кои претседателот Жаир Болсонаро ги сметаше за невистинити. Изнесените податоци покажале дека крчењето на шумите во текот на јули годинава биле речиси четири пати поголеми, отколку во истиот месец 2018 година. Податоците беа објавени ден откако претседателот на Бразил најави дека во борбата против огнената стихија и против криминалот во регионот ќе ја испрати војската.

Францускиот претседател Емануел Макрон во петокот го обвини Жаир Болсонаро дека „лаже“ кога зборува за својот ангажман во заштитата на природната средина, и најави дека во такви околности Франција ќе се спротистави на контроверзниот договор ЕУ – Меркосур. Европската унија и Меркосур, блокот земји кој го сочинуваат Аргентина, Бразил, Парагвај и Уругвај, кон крајот на јуни годинава постигнаа политички договор за нова трговска спогодба, која за двете страни би требало да создаде можност за одржлив раст со истовремено гарантирање на заштитата на околината и зачувување на интересот на потрошувачите во ЕУ и чувствителните економски сектори.