Сенаторот од романската Социјалдемократска партија, Мирча Џоана предложи да биде усвоена заедничка декларација на парламентите на Романија и Бугарија за пристапување кон Шенген простор при средбата со бугарската парламентарна делегација, предводена од претседателот на Народното собрание, Михаил Миков денеска во Букуреш, пренесе агенцијата „Аџерпрес“.
„Од техничка гледна точка на крајот на 2010 година Романија и Бугарија ги исполнија потребните критериуми за пристапување кон Шенген простор и имаат полно право да бидат во Шенген зоната заедно со останатите европски држави“, рекол уште Мирча Џоан, кој е и претседател на специјалната парламентарна комисија за пристапување на Романија кон Шенген просторот.
Парламентарната делегација, предводена од претседателот на Народното собрание, Михаил Миков, беше во понеделникот во Букурешт, каде што се состана со романскиот премиер Виктор Понта, со министри и со претседателите на двата дома на романскиот парламент.
Романскиот министер за надворешни работи Титус Корлецјан и Миков исто така се согласија во Букурешт да ги координираат активностите по приоритетни теми како пристапот на двете земји во Шенген зоната.
При средбата со Михаил Миков романскиот министер за надворешни работи, изразил интерес за зајакнување на економските односи меѓу Романија и Бугарија, се вели во соопштението на романското Министерство за надворешни работи. Се наведува дека на средбата била одбележана значајната улога на соработка во областа на енергетиката и општите проекти во оваа сфера како финализирање на гасниот интерконектор од Гјоргево до Русе.
Корлецјан посочил уште дека резултатите од европските избори во 2014 година ќе имаат директно влијание врз европската агенда и истакнал загриженост од популистичкиот и ксенофобичниот јазик на некои европски лидери, пишува уште во соопштението.
Бугарската парламентарна делегација се состана денеска и со романскиот премиер Виктор Понта, како и со претседателите на двата дома на романскиот парламент.