Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека суштински ги поддржува мерките предложени од францускиот претседател Емануел Макрон за создавање економски посилна и побезбедна Европа, јави ДПА.
„Заедничката цел на Франција и Германија е да ја одржат Европа силна“, рече Шолц денеска по говор на Макронот претходно истиот ден во Париз.
„Вашиот говор содржи добри идеи за тоа како можеме да го постигнеме тоа“, додаде Шолц во објавата на социјалната мрежа X.
Во својот говор на Сорбона, Макрон предупреди дека Европа сега се соочува со големи ризици и „пресвртница“ во следната деценија.
Тој повика на одбранбена стратегија на Европската унија со заедничка индустрија за оружје и забрзано вооружување финансирано од фондовите на ЕУ за да се справи со заканата што ја претставува Русија.
Макрон, исто така, рече дека трговската политика треба да се ревидира со оглед на индустриската политика и субвенциите од Кина и САД за нивните национални индустрии.
„Заедно ќе ја придвижиме ЕУ напред: политички и економски“, рече Шолц.