
Заеднички ангажман на администрацијата, реалниот сектор и експертската јавност во процесот на пристапување кон ЕУ ќе обезбеди солидно прилагодување на националната економија кон стандардите на Европската Унија. За неопходноста од мобилизирање на сите ресурси и заедничка акција се дискутираше на регионалната конференција „Националната економија во пресрет на ЕУ – предизвици и искуства“, во организација на Сојузот на Ротари клубовите на Република Северна Македонија.
„Под годинешното глобално мото на организацијата – ‘Да инспирираме’, ја организиравме оваа конференција, сакајќи да отвориме една многу значајна тема кај нас, можеби најзначајна на патот кон ЕУ, да дискутрираме за перспективите и дилемите, а во насока на што подобра подготовка за предизвиците и можностите кои ни претстојат на патот кон и по влезот во Европската Унија. Растот на економијата е во основата на денешната тема, една од најзначајните причини позади нашите аспирации за членство во Европската Унија. Во таа насока верувам дека вистински ќе можете да ги искористите искуствата од регионот и да ги избегнеме бариерите“, истакна Зоран Тодоров, координатор на Сојузот на Ротари клубови на Северна Македонија.
Во воведниот дел од конференцијата се обрати амбасадорот на Република Словенија, Милан Језбец, како и претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев.
„Во Европската Унија природно припаѓаме и гравитираме. За да бидеме дел од тој напреден европски свет мора да поработиме на подигнување на стандардите и капацитетите. Очекувањата да добиеме препорака за почеток на преговорите се реални. Треба да знаеме сите дека не чека многу работа за која како Претседател на Владата ве уверувам дека сме подготвени и имаме капацитет да одговориме на сериозните предизвици и задачи кои се очекуваат од нас“, истакна меѓу другото претседателот на Владата, Зоран Заев, напоменувајќи дека „Владата е тука да го помогне тој процес преку низата мерки за поддршка за развој на конкурентноста преку Планот за економски раст“.
Целта на конференцијата е во духот на ротаријанството, преку размена на искуства, да се создаде поголема соработка и поттикнување на сите чинители во општеството да дадат свој придонес во процесот на пристапување на земјата во ЕУ.
„Преку отворање на дијалог и поврзување на искуствата, ротаријанството се залага за поттикнување на трајни промени во општествата во насока на обезбедување одржлив развој. Наша цел е да создаваме мостови преку кои ќе се трасира патот кон едно подобро глобално општество. За да ја оствариме таа цел креираме соработка која ќе помогне на патот кон развојот, а токму тоа е и целта на оваа денешна конференција“, истакна Јанез Липец, гувернер на Дистриктот 1912, каде што припаѓаат и Ротари клубовите од земјава.
Во рамки на конференцијата беа организирани и три панел-дискусии на кои експерти од различни области дискутираа за искуствата на земјите во регионот и предизвиците на националните економии во пресрет и по влезот на ЕУ, за потенцијалот за раст и ризиците за националната економија и за енергетиката како стратешки сектор на националната економија и потенцијалите за раст.