Мултидисциплинарната експертска комисија меѓу Бугарија и Македонија ќе им предложи на владите на двете земји заедничко одбележување на Денот на Светите браќа Кирил и Методиј и на Григор Прличев, соопштија по дведновните разговори во Софија копретседателите на комисијата од бугарска и од македонска страна Ангел Димитров и Драги Георгиев, пренесува БТА.
Со нашите колеги од Република Македонија се согласивме од научна гледна точка да оправдаме зошто нашите две влади треба да продолжат да го слават заеднички Денот на светите браќа Кирил и Методиј, објасни претседателот од бугарска страна Ангел Димитров, по третото заседание на заедничката комисија.
Постигната е согласност и да се предложи во двете држави да биде почитуван и одбележан Григор Прличев, човек со исклучителни заслуги за културниот и општествениот развој.
Направивме сериозни напори да ги доближиме позициите околу интерпретацијата на средновековната историја и особено на личноста на Цар Самоил. Разговорите беа долготрајни и сериозни, професионално коректни, тешко доаѓаме до заедничка позиција, но не сме кренале раце, вели Димитров.
Тој посочи дека тешко се надминуваат тези кои биле утврдувани со десетлетија и оти општеството тешко ги прима таквите промени.
Ние треба да направиме чекори кои ќе ги убедат општествата и во двете земји за користа од таквите промени, Останувам со надежта дека ќе продолжиме и натаму и оти резултатите ќе бидат задоволителни, вели Димитров.
Според него, многу е важно да се утврдат настаните и личностите чие заедничко одбележување ќе придонесе за зближувањето на двете држави, за зголемување на довербата и соработката.
Драги Ѓоргиев, директор на Институтот за национална историја во Скопје, кој е копретседател на Комисијата од страна на Република Македонија, рече дека на средбата во Софија имало позитивна атмосфера и желба за соработка.
Задоволен сум од средбата и се враќам со позитивна енергија во Република Македонија, кажа Ѓоргиев.
И двете страни ги имаат изготвено своите забелешки во однос на учебниците од основното образование и тоа ќе биде тема на наредните средби на комисијата.