Власта не работи ништо. Наместо институциите задолжени за чистење на сметот да го исчистат ѓубрето по улиците, Зоран Заев ја ангажира целата администрација да ги чисти улиците и парковите низ градовите. Комуналните претпријатија при општините и градот Скопје имаат обврска и должност да се грижат за хигиената на општините и градовите и истата секојдневно да ја одржуваат. Но очигледно власта не си ја врши работата, истакна Невенка Стаменковска, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието на Република Македонија.
-Зоран Заев ја злоупотребува администрацијата. Власта не работи ништо. Градовите низ државата треба да бидат секојдневно чисти, бидејќи тоа е обврска на комуналните претпријатија, а не тие да се чистат акциски. Користењето на јавната администрација за чистење и одржување на хигиена е чиста злоупотреба од страна на Зоран Заев, рече Стаменковска и додаде:
„Администрацијата треба да работи она за што е платена со парите на граѓаните и тоа да го прави стручно и професионално, а не да извршува работи кои власта не успеала да ги изменаџира, а се дел од секојдневното работење на комуналните претпријатија. Завршува времето на злоупотреби. По 12 април секој одговорно ќе ја врши својата работа“.