Заев, Јанша и Вархеји: Македонија и Албанија треба да ги почнат преговорите

Премиерот Зоран Заев, како дел од неговата програма со активности на Бледскиот стратешки форум, имаше средба со премиерот на Република Словенија Јанез Јанша, во функција на словенечкото претседателство со ЕУ и со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји.

-На средбата беше потврдено дека проширувањето на ЕУ е приоритет на словенечкото претседателство и дека земјите од Западен Балкан треба што е можно поскоро да станат членки на Унијата. Соговорниците на средбата се согласија дека пречките што се исправија пред овој процес може да се отстранат и за тоа постојат позитивни примери од поблиското минато, информираат од Владата.

Заедничка констатација на премиерите Заев и Јанша и на еврокомесарот Вархеји е дека нема простор за други опции освен европски Западен Балкан и дека Македонија и Албанија треба да ги почнат преговорите час поскоро.

-На средбата беше кажано дека до крајот на годината има доволно време Бугарија и Македонија да го изодат патот до решение кое ќе ја забрза европската интеграција на цел регион и дека решенијата подразбираат грижа за себе, но и грижа за другиот, соопштуваат од Владата.