Заев бара албанските партии да покажат зашто не го сакаат Минишенген

Премиерот Зоран Заев ги повикува албанските политички партии да објаснат зошто се противат на Балканскиот мини-шенген. Заев дури нагласува дека не е должен да се консултира со политичките партии за вакви прашања инсистирајќи дека иницијативата е добра и ќе го подобри животот на граѓаните.

 Заев смета дека Косово греши кога не се вклучува во иницијативата затоа што ако седне на регионалната маса ќе може да реши многу прашања. Од друга страна, токму неучеството на Косово е главната причина зошто Балканскиот мини-шенген албанските партии кај нас не го прифаќаат.

За ДУИ, иницијативата би била прифатлива само доколку учествуваат сите шест држави во регионот, а на средбите да присуствувата и претставници на ЕУ и САД. Според Алтернатива, меѓунационалната интеграција е потребна пред интеграцијата на Балканот, а регионалната иницијатива без Косово нема никаква смисла. Алијансата за Албанците смета дека секоја регионална иницијатива минува низ Косово,  но стравува дека преку оваа иницијатива, која ја вклучува и Србија, може да се продлабочи руското влијание во регионот. Според Движењето Беса, неинклузивниот пристап е неправеден и не гарантира трајност. Третата средба на процесот се одржа во саботата во Тирана меѓу премиерите Еди Рама и Зоран Заев, како и претседателите на Црна Гора и Србија, Мило Ѓукановиќ и Александар Вучиќ. За мини-шенген ЕУ ветува 1,2 милијарди евра за разни проекти.