Заев чекори кон нова влада

Најавената владина реконструкција би можела да премине во поинаков процес – враќање на мандатот од страна на претседателот на Владата, Зоран Заев и формирање на нова Владата.

Ваква опција ја најави и самиот Заев во неделата по „чистката“ којашто ја спроведе во партиските редови разрешувајќи го речиси целото партиско раководство. Заев најави дека планира да направи промени на најмалку три министерски позиции. Имајќи предвид дека досега промени шестмина министри, со новите измени ја надминува дозволената бројка за владина реконструкција од една третина од министрите. Според членот 94 од Уставот доколку претседателот на Владата предлага смена на повеќе од една третина од владиниот кабинет тогаш Собранието постапува како при избор на нова влада.

Сепак, конкретните чекори во оваа насока се очекуваат по средбата на Заев со неговиот коалициски партнер, лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Од СДСМ и ДУИ средбата ја најавуваат за следните неколку денови.

Министерот за економија, Кресник Бектеши очекува во текот на неделата лидерите да ги договорат деталите.

„Преговорите течат, но повеќе станува збор за споделување на меѓусебни мислења во кои ресори треба да има подобрување или зајакнување на капацитетите. Верувам дека сите промени ќе бидат во духот на зајакнување на капацитетите на институциите за да испорачаме што подобри резултати кои ќе бидат во корист на граѓаните, но и за да се додаде нова позитивна енергија во некој ресор во кој во минатото не сме имале добри резултати“, рече Бектеши.

Во јавноста неофицијално се споменува дека при последната средба Заев на Ахмети му предложил размена на министерските места во животна средина и транспорт и врски. Кадровски промени се очекуваат и во економските ресори, како и во правда и образование.

Заев најави сосема нови имиња кои ќе ги предложи за министри.