Заев: Црвените линии се ограничувачки и ве ставаат во кутија, суштината е во пријателството

-Прашањето за соседските односи меѓу C. Македонија и Грција беше отворено три децении. Поминавме три децении несигурност за нашата иднина. Три децении сериозна грижа за несакани последици. Три децении блокирани перспективи кои се од клучен стратешки интерес за нашата земја, за регионот и евроатлантските структури. Иднината беше идеја водилка во текот на целиот процес. Двете страни го прифатија компромисот како пријателство и грижа за интересите на вашиот политички партнер од другата страна, како и за вашите сопствени интереси – изјави премиерот Зоран Заев во денешното обраќање на церемонијата во Мунстер на која тој и поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас ја добија Меѓународна награда за мир на Вестфалија за 2020 година.

Заев вели дека тоа пријателство било важно за да се создаде атмосфера во која отворено разговарале за сите прашања, дури и кога се чинело дека нема решение.

-Во текот на целиот процес, ние инсистиравме дека не зборуваме за црвени линии. Си кажавме дека црвените линии се ограничувачки. Црвените линии ве ставаат во кутија. Рековме: „Ние нема да го ставиме процесот во кутијата“. Тоа е начинот на кој работат пријателите. Фокусирани на решенија. Градење мостови. Тоа е и суштината на Договорот од Преспа – пријателството! Со овој Договор, ставивме крај на спорот и долготрајната разлика што крена ѕидови, што ги отежна соседските односи меѓу C. Македонија и Грција – изјави Заев.