Заев: ДУИ со барањето Албанец премиер испрати уценувачка порака

Досегашниот коалициски партнер во власта, ДУИ со барањето за Албанец да биде идниот премиер испратила уценувачка порака, оцени претседателот на владејачкиот СДСМ, Зоран Заев, во вечерашното интервју на телевизија Телма и додаде дека во првите сто дена од мандатот експертска домашна и меѓународна комисија ќе ги постави темелите на прочистување во правосудството.

„Уцени нема да прифатиме, тие јасно испорачаа уценувачка порака, под уцени нема да разговараме, се е отворено за разговор, се е отворено за разговор и мојата желба е ДУИ да оди во опозиција, заради државата“, рече Заев.

Лидерот на социјалдемолратите додаде дека коалицирал со ДУИ затоа што такви биле „бројките во моментот“, мислејќи на предвремените избори во декември 2016 година, кога СДСМ освои 49 пратеници, два помалку од ВМРО-ДПМНЕ.

„Прво бројките на почетокот на формирањето на коалицијата беа неприкосновени. Тие беа бројките и можете едноставно да влезете во коалиција со ДУИ и немате некоја посебна друга опција. Таа коалција беше изградена на основа на вредности, на цели, на таргети кои што исполнивме огромен дел од нив, навистина се донесоа сите историски одлуки, се завршија реформите во државата, условот кој што беше за добивањето на одлуката за преговорите, дигнавме економија значително, но и меѓудругото видовме и слабости“, истакна Заев во интервјуто.

Заев, исто така, во текот на гостувањето во телевизија Телма ги најави процесите што новата Влада предводена од СДСМ и колаицијата „Можеме“ ќе ги преземе во областа на правосудството.

„Тргнувме со прочистувањето на правосудството онака како што укажа Европската комисија тоа да го направиме. Прочистувањето таргетира индивидуална одговорност и преземање на одговорноста наместо колективната со распуштањето на правосудството. Во минатиот период улогата на Владата беше да ги напише законите, со Венецијанска комисија и со Европската комисија тоа го направивме. Во Парламентот задача беше да се изгласаат тие закони и тоа беше направено дури и во областа на двотретинските закони како што е законот за јавното обвинителство. Делот на практичната примена сега доаѓа на повидок. Преку прочистување во правосудството, секој судија што застарувал предмет ќе биде разрешен од експертска домашна и меѓународна мешовита комисија создадена уште во првите 100 дена ќе ги постави темелите на прочистување на правосудството. Антикорупциска комисија преку УЈП и другите институции ќе врши проверка на имот, потекло на пари на судии, обвинители вклучително и на политичари.“ одговори претседателот Заев на прашање кое се однесуваше на планираното прочистување на правосудството.

Заев образложи дека е „здраво за државата“ во следните четири „неповторливи години да ги максимзираме капацитети, да ги дигнеме стандардите и да ги европеизираме институциите“.

„Без правна држава и еднакво владеење на законот и правото нема ни економија, нема ни добро здравство, нема ни добро образование. Овде е темелот за се. Затоа велиме уште во првите сто дена стартуваме со оваа постапка за прочеистување на правосудството, ќе има комплетна ревизија и на предметите. Тоа мора да се направи.“ додаде Заев.