Заев: Ќе испорачаме уште аргументи за позитивна одлука за преговори што е можно поскоро

Во периодот пред нас, Северна Македонија ќе испорача уште повеќе аргументи до Европската Комисија и до сите земји членки на ЕУ, одложената позитивна одлука за нашата земја да дојде колку што е можно поскоро за да биде исправена грешката од Самитот на Европскиот совет во октомври, му порача премиерот Зоран Заев на новиот комесар за соседска политика и проширување Оливер Верхеји, на средбата на маргините на Самитот на Централно европската иницијатива што се одржа денеска во Рим.

Како што соопшти владината прес-служба, премиерот Заев на средбата изрази благодарност за поддршката што доаѓа од ЕК во континуитет, како и лично од комесарот Верхеји во овој кус период од неговата инаугурација. Заев, се додава во соопштението, честитајќи му ја новата функција, го истакна позитивниот пристап кој доаѓа од Вархеји и неговата земја Унгарија, како израз на искрен пријател на нашата земја и на проширувањето на ЕУ.

– На средбата беше истакнато дека Северна Македонија, во процесот на пристапување ги оствари сите услови со спроведување на домашните реформи и со договорите со Грција и Бугарија, што ја направи нашата земја пример во регионот, како држава без отворени прашања со соседите. Успесите на земјата се успеси и на ЕУ, беше нагласено на средбата меѓу премиерот Заев и еврокомесарот Верхелји, и Северна Македонија ќе продолжи со уште поголем фокус на имплементацијата на реформите и во борбата против корупцијата и организираниот криминал, се додава во соопштението.

Еврокомесарот Верхеји од своја страна истакнал дека ЕК силно го поддржува отворање на преговори со Северна Македонија и дека со земјите членки на ЕУ се работи на усогласување на ставовите за евентуални промени во методологијата и процесот на проширување што ќе овозможат брза позитивна одлука за земјава.

Верхеји порача дека најавите дека Република Северна Македонија останува посветена да испорачува резултати во демократските реформи се од големо значење и го истакна очекувањето за поддршка од сите политички фактори, вклучувајќи ја и опозицијата, во интерес на граѓаните на земјата, и во донесувањето на законот за јавно обвинителство.

Еврокомесарот за соседска политика и проширување најави посета на нашата земја, и засилен ангажман од целата ЕК за да се потврди определбата за забрзани перспективи за проширување и јасна економска корист за земјите и граѓаните од Западен Балкан, стои во соопштението.