Премиерот Зоран Заев ќе ги остави на цедило луѓето кои ги изгубија и кои ќе ги изгубат своите работни места. Владата не нуди помош за граѓаните кои останаа без плати. Власта нема план за спас на граѓаните кои останаа во изминатите два месеци без плати поради заглавените мерки од петтиот сет во Собранието.
Министерот за финансии, Фатмир Бесими вели нема да има брзи мерки, туку дека ќе се чека на гласање на законите во законодавниот дом. Се предлага рокот за аплицирање да се продолжи до 15 април, иако нема никаква сигурност дека овој закон дотогаш ќе биде изгласан и ќе биде објавен во Службен весник за да стапи на сила во наредните седум дена за да може компаниите да аплицираат.
– Со цел да се искомпензира овој изгубен период со амандманско решение се дава можност до 15 април да аплицираат за двата месеци и за февруари и за март и со тоа и тие износи кои што ги исплатиле за март како што предвидуваше мерката да може се реализира од страна на фирмите, а сѐ со цел да се намалат административните постапки во однос на реализација на мерката сега може да аплицираат со една апликација за двата месеци , рече Фатмир Бесими-Министер за финансии.
Имено, пред некој ден пола од текстилните работнички, односно над 3.500 кои се вработени во околу 70 конфекции се на колективен одмор, а во угостителскиот сектор се очекува, нови над 30 илјади работници да ги изгубат работните места.
„Досегашните мерки за помош и поддршка на економијата во справувањето со последиците од пандемијата Ковид-19 како што самите укажуваат помогнаа за одржување на домашната економија, но реално не го дадоа бараниот и очекуван ефект на помош за угостителската индустрија како индустрија која е најпогодена и најмногу настрада во оваа глобална здравствена криза“, вели за Курир претседателот на Независната угостителска комора, НУК, Здравко Јосифовски.
Иако државата сеуште нема обезбедено доволен број на вакцини против корона вирусот, со што би се обезбедила масовна вакцинација на населението и со тоа да се овозможи предуслов за нормално функционирање на стопанството, економскиот тим на Владата вчера излезе со оптимистичко сценарио за македонската економија годинава. Колку тоа може да се постигне е знак прашалник, а од друга страна се очекува јавниот долг да достигне 63,4 отсто од БДП.
Економските експерти се погласни се во тоа дека не може да се очекува рестартирање на македонската економија без масовна вакцинација на населението. Тоа се гледа и од фактот дека од Стопанската комора на Македонија организирано, во изминатиот период одеа во соседна Србија да се вакцинираат.