
Откако лидерот на Социјалдемократите, Зоран Заев, првично одби да им даде гаранции на пратениците кои добија места во парламентот дека на следните избори повторно ќе се најдат на кандидатските листи го променил мислењето поради жестокиот отпор и сега тој на избраните кандидати им ветувал дека за шест месеци повторно ќе има избори.
На вчерашниот партиски состанок, како што брифираат партиски извори за Нетпрес, Заев убедувајќи ги избраните пратеници да дадат оставки, им зборувал дека ќе има нови избори и сите оние кои сега ќе ги вратат мандатите, повторно ќе бидат ставени на кандидатските листи за пратеници.
Но, многумина се сомневаат дека Заев ќе го исполни она што го ветува, бидејќи тоа сепак не зависи од него, а засега од другата страна нема навестувања дека има расположение за нови избори.
Извори од владејачката ВМРО ДПМНЕ, пак, велат дека нови избори ќе има, но дури за четири години. Од партијата велат дека тие се подготвени да ја продолжат работата во Собранието и без опозицијата.
Од ВМРО ДПМНЕ коментираат дека за четири години Заев ќе треба да им одговори на неговите луѓе, на кои сега неосновано им ветува избори, зошто не се во парламентот и зошто политиката на бојкот не им донесе резултати односно и’ направи голема штета на државата.
Социјалдемократите во разговори со претставници на меѓународната заедница, велат нашите извори, се обидуваат да добијат помош и убедуваат да и’ биде одземена препораката за почеток на преговори на Македонија со Европската Унија, а со цел ВМРО ДПМНЕ да загуби на внатрешен и меѓународен план. Во СДСМ, велат партиски извори, сметаат дека на овој начин би се создал внатрешен притисок од јавноста, а особено од Демократската унија за интеграција.
Наводно очекувањат се дека ДУИ ќе добива постојани провокации за да ја напушти владината коалиција и со тоа заедно со помош од надвор СДСМ да успее да се врати на власт.