Петнаесетти јули е последната отстапка која ја прават СДСМ изјави во понеделникот партискиот лидер Зоран Заев и одложените предвремени парламентарни избори ќе се одржат на тој датум, за што добил согласност и од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, истакнувајќи дека очекува од политичкиот ривал сега јавно да каже дали се согласува со овој датум кој двајцата претходно денеска го договориле во телефонски разговор.
„Мораме да си ги спасиме државата и народот од каков било ризик од дополнително влошување на ситуацијата. Поголема криза од оваа, државата нема да може да издржи без Собрание и Влада. Знам дека преку глава им е на граѓаните од фамозниот датум за избори. Јас и СДСМ преземаме чекор веднаш да заврши оваа игра на нерви. За да не страда народот го заклучуваме 15 јули како конечен и последен датум на кој гарантирано ќе учествува опоцијата“, рече Заев на прес-конференцијата.
Потврди дека од претседателот Стево Пендаровски ќе биде побарано да прогласи нова вонредна состојба, бидејќи се пролонгира датумот за избори.
Како што појасни Заев, среда ќе биде прогласена за неработен ден и ќе се гласа до 21 часот. Претходно во понеделник 13-ти и втроник 140ти јули ќе гласаат болните, изнемоштените, лицата во самоизолација и заразените со КОВИД-19 кои се лекуваат во болница и дома.
„Бараа средина на јули, еве им средина на јули. Праќам порака до Мицкоски, одговорноста пред сопствениот народ е големо дело. Никој политичар не смее да помисли да си игра со сопствениот народ. Доволни беа лошите изненадувања што ВМРО-ДПМНЕ им ги приредуваше на македонските граѓани. Време е да погледнат надвор, да се одважат и ова решение да го потврдат пред народот.Ова е за спас на државата. ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски се повикани да одговорат и да влезат во демократскиот процес заедно со сите други политички чинители во земјава“, кажа Заев.